Ако Панчевски биде обвинет за „одавање службена тајна“ му се закануваат до 5 години затвор

by fokus

Од три месеци до пет години затвор му се закануваат на судијата Владимир Панчевски, доскорашниот претседател на Кривичниот суд, доколку биде обвинет за кривичното дело „одавање службена тајна“, за што СЈО против него отвори предистражна постапка.

Во текот на вчерашниот ден, СЈО четири часа во неговата канцеларија во Основниот суд Скопје 1, во неговиот дом и во домовите на уште двајца вработени во судот, вршеше претрес и прибираше податоци, а покрај одавање службена тајна, имаат сомнежи дека Панчевски учествувал и во местење на предмети.

Во Кривичниот законик, член 360, за кривичното дело одавање службена тајна, став 1 е предвидено:

-Тој што на јавноста или на неповикано лице ќе соопшти, предаде или на
друг начин ќе му ги стори достапни податоците што претставуваат
службена тајна или прибавува такви податоци со намера да ги соопшти или предаде на јавноста или на неповикано лице, ќе се казни со затвор од три месеци до пет години.

Поради тајноста на постапката Јанева не откри детали за истрагата, но сепак како што вчера објави  „Фокус“, СЈО се сомнева дека од Кривичниот суд протекле службени тајни информации кои стигнале се до претседателската вила на Водно, поточно до претседателот Ѓорѓе Иванов.

Според нашите неофицијални информации, СЈО наводно се сомнева дека преку Панчевски претседателот Иванов ги дознал имињата на осомничените и сведоците на СЈО, кои требало во таа фаза да се чуваат во тајност.

Како што е веќе познато на листата на помилувани од страна на претседателот Иванов беше наведено и името на сега починатиот Коста Крпач, за кој СЈО по неговата мистериозна смрт објави дека тој не бил осомничен, туку сведок. Тогаш веднаш се постави прашањето од каде претседателот Иванов дознал дека Крпач соработува со СЈО? Претседателот Иванов тогаш се оправда дека си имал твој свои начини и извори на информирање.

-Каков сум јас претседател ако немам свои извори на информации, изјави Иванов.

Од СЈО пак му пратија неколку барања и ургенции за да одговори од каде му се податоците за постапки кои се тајни.

 

 

Поврзани новости