Преку 80 проценти од потребите за пелети ги обезбедуваме од увоз, а со мерката што ја донесе Владата на 2 ноември цената на плетите е ограничени на пониско ниво од влезните цени. Солуцијата која ние ја нудиме сега е да се врати претходната мерка којашто исто така била репресивна, а тоа е ограничување на маржата на 10 проценти. Доколку остане во сила сегашната мерка, од 1 декември нема да има нови количества на пелети на пазарот и ние ја повикуваме Владата да најдеме заедничко решение за да има пелети, истакна претседателот на Националното здружение на производители и дистрибутери на продукти од биомаса „Биомак Енерџи“, Владимир Стојановски.
Тој нагласи дека во услови кога Владата го субвенционира градското парно со 18 милиони евра, тие побарале субвенции од државата за граѓаните кои се греат на пелети и огревно дрво, но досега не добиле одговор.
– Владата донесе мерка каде што ја ограничи цената на пелетите во апсолутна вредност, а имаме ситуација во којашто од земјите од каде што вршиме увоз имаме повисоки влезни цени. Во една таква ситуација крајниот резултат би бил ние да бидеме приморани, додека тоа не се смени, едноставно да не вршиме увоз, од едноставна причина што не можеме да продаваме со загуба. Крајниот резултат исто така би бил недостиг на пелети. Ние како здружение ја повикуваме Владата да најдеме заедничко решение за да има пелети на пазарот и економските оператори да ја остваруваат својата цел, а тоа е да функционираат, увезуваат, дистрибуираат и продаваат на крајните потрошувачи, изјави Стојановски на денешната прес-конференција.