Ако нема повисоки плати, ќе нема полагање државна матура – штрајк на 29 вработени во ДИЦ

by Fokus

Од вчера 29 вработени во Државниот испитен центар се во генерален штрајк затоа што не добиле согласност од Министерството за финансии на нивното барање за зголемување на платите.

Емилија Бошковска, претседателка на синдикалната организација на ДИЦ, рече дека речиси половина од вработените во ДИЦ, (11 од нив), примаат минимална плата од 20.100 денари, а основната плата на советниците во ДИЦ е 26.000 денари.

Бошковска апелираше побрзо да се реши нивното барање за да не заглават процесите, Ако штрајкот продолжи повеќе од една недела, ќе биде доведено во прашање и претстојното полагање државна матура.

Побарале измена на колективен договор, но се уште не добиле позитивен одговор и согласност за покачување на платите.

На прашање колкаво покачување бараат, одговори дека износот не е фиксен, но не смее да биде помалку од 30%.

-Нашите плати беа заборавени, со покачување на минималната плата веќе двапати, се покачија само на тие со најниска позиција. А ние сме основата т.е. стожерот на еден куп процеси кои се случуваат во образованието, меѓу кои е матурата, меѓународните тестирања кои се спроведуваат во моментов, обуката и испитот за директори на училишта, приправничките испити за сите наставници. Значи, обемот на работа е многу зголемен, а дојдовме во ситуација во која вработените не можат да преживеат со оглед на поскапувањата. Наставниците одамна добија покачувања. Ние сме тие коишто имаме некоја улога многу посериозна од тоа колку не цени Владата – рече Бошковска.

Државната матура почнува на 27 мај.

Поврзани новости