Ако некој го качил во кола, да не се плаши и да се јави во полиција, апелира семејството на исчезнатиот Миле од Неготино

by Fokus

Три недели семејството на неготинецот Миле Тодоров (28) живее во неизвесност и бара одговори на прашањата: Каде е нашиот син и брат, што му се случило, како може еден млад човек да исчезне без траг среде бел ден и никој ништо да не знае?

За случајот кој ја вознемири Тиквешијата, но и целата земја, ,,Фокус” пишува во повеќе наврати.
Младиот Тодоров последен пат бил забележан од блиските на 30-ти јануари, кога излегол од својот дом во Неготино и заминал на работа, во фирма во Кавадарци. Бил облечен во работничко одело.

Според информации од семејството, тој стигнал на работа, разговарал со сопственикот на фирмата и му кажал дека дава оставка. Иако претходно не ја најавил оставката, разговорот поминал во најдобар ред, по што Миле се упатил пеш од Кавадарци кон Неготино. Бил забележан на безбедносни камери, последен пат околу 10.30 часот истиот ден, кај селото Марена, а потоа беше пронајден и неговиот мобилен телефон во таа област, покрај реката Луда Мара.

И покрај масовната потрага, не само на тој дел, туку и пошироко, од момчето се уште нема траг.

-Истите прашања, истите разговори ги повторуваме веќе 20 дена. Што се случи со Миле?
Од информациите кои ги добивме, во неговиот мобилен нема пронајдено ништо сомнително, никакви индикации дека тој се подготвува за било што. Многу тимови и волонтери го бараа, се прочешла секој дел, не само помеѓу Кавадарци и Неготино, со хеликоптер се бараше и околу Демир Капија, насекаде…

Може ли млад човек, вака да исчезне и никој ништо да не знае, никој воопшто да не го видел? Замолуваме, доколку некој запрел и го качил во возило, да му даде превоз до било каде, да не се двоуми, да се јави во полиција.

Не знаеме дали влегол во некоја кола, дали можеби пеш заминал некаде, а со оглед на тоа што тој е во добра физичка кондиција, би можел далеку да стигне.

Откако беше пријавен за исчезнат, па се додека не започна масовната потрага, поминаа повеќе од 20 часа, што значи дека за тоа време брат ми можел да дојде до било кој крај на Македонија.

Неговата фотографија се прошири низ цела земја, замолуваме нека обратат внимание сите, и од другите градови, бидејќи тој може да биде било каде, вели Марија, сестрата на Тодоров.

Откако во Неготино, родниот град на Миле, се прошири веста за исчезнувањето, неговите сограѓани се затекнати од настанот, прашуваат како може така мистериозно да му се изгуби траг на еден млад човек. Во желба да помогнат, неготинци ја споделуваат фотографијата на Тодоров на социјалните мрежи, а голем број на граѓани беа дел од волонтерските екипи кои со денови го пребаруваа теренот каде беше пронајден неговиот мобилен телефон, но и пошироко.

Беше вклучен хеликоптер во потрагата, кучиња трагачи, како и екипа за потраги во вода. До денес, нема никакви нови информации за момчето.

Покрај Миле, во Неготино повеќе од две години се води како исчезнато уште едно лице. Станува збор за Коце Панов (80), кој на 27-ми ноември 2022 година излегол од својот дом во утринските часови и оттогаш не се знае неговата судбина. За овој случај, четири месеци по исчезнувањето на пензионерот, врз едно лице беше извршено полиграфско тестирање, како и претрес во неговиот дом и во помошни простории. До денес, Панов не е пронајден, ниту пак има нови детали во истрагата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости