Министерот за здравство, Арбен Таравари, потврди дека на последната седница на Владата е усвоена информацијата дека тендерот за нова компресорска станица на Клинички центар ќе треба да го распише Министерството за здравство, откако првиот тендер распишан од заедничките служби на Клинички пропадна.
Прво Министерството за здравство ќе распише тендер за целосна обнова на компресорската станица, а ако повторно ниедна фирма не се јави да го изведе проектот, тогаш ќе има договарање во четири очи. Додека се реши хаваријата со компресорската станица, ќе се бара поголем ангажман од хирурзите во ГОБ „8 Септември“ и старата Градска болница.
– Се надевам што побрзо да започне процедурата и да се решат сите проблеми што ги имаме со хируршките сали кои ни се наследени. Ќе има јавна набавка зашто сакаме што потранспарентно и со побрзи рокови да го изведеме сето тоа. Како услов во тендерот ќе наведеме зафатот да се заврши за три до четири месеци. Дотогаш ќе мора да се функционира како досега, со надворешни компресори. Вака ќе функционираме до ноември или декември кога ќе заврши поставувањето на новата инсталација и новата компресорска станица – рече Таравари.
Запрашан дали проценува дека некоја фирма ќе се јави на тендерот што треба да го распише Министерството за здравство, тој истакна дека не може да прејудицира.
– Не можам да кажам со сигурност дали фирма ќе се пријави или нема да се пријави. Со оглед на тоа што оваа обврска мора да се заврши во најкраток можен рок, Министерството за здравство ја презеде обврската за јавната набавка. Ако не се пријави економски оператор, ќе одиме на опција на директен договор со изведувач што може да го сработи ова – рече Таравари.
Министерството за здравство уште ги нема добиено резултатите од анализите испратени во Германија, за да се утврди што точно е проблемот со компресорската станица од која зависат сите хируршки клиники.