Архива: Ако не мислат како Груевски пратениците можат да останат без имот

by Фокус 20:17
20:17

Текстот е објавен 2008 година во неделникот „Фокус“.

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

- Advertising -

За македонските политички партии демократијата е само гола одреденица во називот, а од идеологија и онака одамна се оперирани. Оттаму, моќта, привилегиите, парите, вработувањата, се главната движечка сила за членството.

Политичката култура на покорност кон лидерот е „модус вивенди“ за партиските поданици бидејќи критичките размислење кон „врхушката“ значат губење на материјалните и статусни придобивки додека послушноста е основен предуслов за напредок во кариерата.

Во таквиот „систем на вредности“ станува разбирливо што понудите од спротивниот табор за повеќе пари и привилегии се доволна „идеолошка мамка“ за ваквите креатури без снебивање да заиграат во новиот партиски дрес. Речиси двецениското наше плуралистичко транзитирање изобилуваше со дузина валкани пратенички пребези.

Во спортот барем правилата се многу построги. Откако ќе заврши сезоната доаѓа времето на трансферите. Додека трае првенството не се дозволени вакви купопродажни договори. Не, пак, како во политиката замислете еден фудбалер првото полувреме да игра за еден тим, а второто за спротивниот. Од друга страна со авторитарните лидери во нашите султан партии, тешко може нормален човек да издржи да функционира само како климоглавец. Златаната средина кај нас едноствно ја нема

Ваквите крајности на леснотијата за купување пратеници од една, и цезаризмот на лидерската филозофија на управување со партиите, стимулираше разни шеми и рецепти како да се спречат овие елементарни политички непогоди. Ако ја држиш птичката премногу лабаво- ќе ти избега. Ако ја стегнеш пресилно- ќе ја угушиш.

Поентата е како да не се остават пратениците прелабаво, па да им одлетаат, но истовремено да не се стегнат пресилно што ќе ја „цркне“ и онака стерилната ни демократија. Обидите на Циле со депонираните оставки на неговите алтернативци во 2000-та заврши како пародија.

Му избегаа сите пратеници до еден- 12-тина од алтернативата, се разбира демократска. И Тачи пред вонредните избори ги закова неговите со оставки, демек, депонирани „изравно“ кај него. Ама, еве, ем не остана во власта, ем придонесе да загуби тројца пратеници, кои сега „играат“ под друга фирма – Нова демократија.

ОПЕРАТИВЕЦОТ ЗА МЕНИЦИ УНАПРЕДЕН ВО СПИКЕР

Кој е лекот против „лесните пратеници“?! Како да се заштити килавата ни каква-таква демократија, за да не се случува кешот да биде добитната комбинација за нови парламентарни мнозинства? По се изгледа Никола Груевски верува дека ја нашол волшебната формула да ја зациментира својата предност во Собранието.

Само што при оваа операција забега во другата крајност. Дека птицата ќе биде угушена е повеќе од логичен „происход“ на неговиот рецепт. Според информациите на „Фокус“, кандидатите за пратеници доколку сакале да се најдат на пратеничките изборни листи, морале да потпишат три изјави.

Една за лојалност на Груевски во смисла колку и да се тешки или неприфатливи одлуките што ќе ги носат, дека сепак ќе гласаат за нив. Втората е гаранција со целиот свој имот, со потпишување на меница при што дури и брачните другари и другарки биле земани за оваа потпис- сенаса. Доколку утре не ги исполни обврските(!), читај: не биде верен на премиерот, ако аздиса демек, ќе остане без имот. Ама и без пратеничка функција. Тоа е третата изјава со која потпишале неотповиклива оставка, која би била активирана доколку пратеникот нели забега од „идејните“ определби.

Таквиот пакет аранжман, велат нашите извори, бил вака збогатен за вонредните парламентарни избори. Во 2006-тата потпишувани биле само мениците и тоа соло. Сега, пак, се барало параф и од сопрузите и од сопругите на кандидатите за изборните листи.

Надлежен оперативец за овој проект бил Трајко Вељановски. Во строги мерки на безбедност потпишувањето се правело во партиското седиште. Втората страна на договорот немала шанси да остане насамо со „папирот“. Никој нема фотокопија. Дека деталите се усовршени и унапредени за последните избори говори и сознанието дека овој пат меницата се потпишува со некаква фиктивна фирма, агенција, кон која всушност пратениците презеле обврски, во спротивно нели остануваат без имот или пари.

Проблемот на оваа менична драмолетка е што никој не сака јавно да проговори за своите потпишани обврски. Неколкумина со кои разговарав потврдуваат дека го сториле тоа. Некои велат дека е глупаво сега да плукаат против тоа што сепак се согласиле да го сторат. Второ, немаат писмен доказ. Трето, оној што ќе се осмели и да признае без да го осудува нели проектов, се изложува на ризик да биде анатемизиран како предавник. Тоа е едната страна од облигацијата.

Втората- врхушката на ВМРО-ДПМНЕ е посебна приказна. Како што и порано сум забележала транспарентноста според груевци е задоволена само со еден единствен потег – дека ставиле портпарол. И готова работа. Веќе се транспарентни по дифолт. За одговор на оваа енигма со мениците побарав тројца портпароли, ама добив само мафтосување.

Изгледаше вака: го побарав најпрвин Тодор Пендаров кој е гласноговорник на претседателот на Собранието, или главниот лик на оваа наша менично-пратеничка серија, Трајко Вељановски. Пендаров ме подучи дека тоа што го интересира „Фокус“ нема врска со функцијата на претседател на Собранието и ме упати на адреса на партијата. Настрана што сум убедена дека една ваква „направија“ би требала да биде од интерес на првиот меѓу еднаквите.

Нејсе, партискиот портпарол Александар Бичиклиски откако го ислуша предметот на нашиот интерес „мудро“ заклучи дека за тоа треба да се обратам во пратеничката група или кај Илија Димовски. Тука барем наидов на троа повеќе материјална расправа бидејќи на прашањето: дали тој лично потпишал вакви документи, Димовски одговори во склеротичен дух дека баш и не се сеќава затоа што потпишувале повеќе работи. Вети на крајот дека конкретно ќе побара одговор од Вељаносвки и дака следниот ден ќе бидеме информирани.

Минаа денови и денови, ама од Димовски нема никаков абер. Секако можев во меѓувреме и да го потсетам ама сигурно ќе дознаев како не можел да се слушне со Трајкота. ВМРО-овците се ептен предвидливи. А Трајко, пак, со одлично извршената менична задача дотурка до спикер. Ма, за лојалните и верните на лидерот, нема зима.

ГРУЕВСКИ ИМ ЈА ОДРЕДИ ЦЕНАТА НА ПРАТЕНИЦИТЕ

Слично искуство на истата тема имаа и колегите од ТВ А2 кои први јавно се обидоа да го истражат феноменот „меници за верност“. Уредникот Снежана Лупевска и авторот Миломир Серафимовиќ признаа дека очекувале барем Антикорупциската комисија да се заинтересира на јавно изречените наводи ама залудно.

И за А2 никој од ДПМНЕ не сакал јавно да потврди или дематира. Ваквата мистериозност, пак, отвора неколку дилеми. Што сака да кажат груевистите со игнорирање на прашањата за овој случај? Некои прашања не заслужуваат одговор?! Се срамат од проектот или нејќат да се фалат?! Што доколку некој пратеник почне јавно да контрира или според нивен светоглед да откаже лојалност?! Како тогаш ќе ја активираат меницата?

Тогаш не верувам дека „должнициве“ ќе молчат. Ќе мора сепак во таква ситуација да пукне бруката. Или можеби целата операција има само психолошки ефекти врз пратениците на победничката коалиција. Ја купува нивната верност со страв од материјална загуба.

Она што можеби на прв момент прозвучува парадоксално е дека дури и да била идејата да се спречат обидите да им бидат купени пратениците, сепак на овој начин Груевски само им ја фиксираше продажната цена. Подобро кажано почетната цена. Нема сега да се удира од тепка туку еден пратеник ќе може да биде купен само над онаа сума на која е обврзан со меницата.

На пример, ако прифатил ‘обврски’ со гаранција од 30.000 евра, тогаш секоја понуда што го покрива долгот кон груевци е прифатлива, а се над тоа е чиста добивка. Сега „непристојните“ понуди ја имаат стартната цена во кроење на нови парламентарни мнозинства.

Ако е точна изјавата на Јакупи од ДУИ (види рамка), која види мајката на пратеничката берза достигнала цена од половина милион евра, тогаш излегува дека во Македонија за партиите единствено парите не се никаков проблем. А ваквите пари мора да потекнуваат од коруптивни или кирминални зделки. Нема друго!

Има уште многу непознаници кои би можело да ги разјаснат само Трајко и дружината. Да претпоставиме дека после извесен период на десетина пратеници ќе им пукне филмот само онака моронски „да стискаат копчетата и да ранат кучетата“. И ете ти ситуација, заради неисполнети обврски, да им биде активирана меницата.

И на сите десетмина тогаш треба да им се зема имотот или парите. Е клучното прашање е каде ќе се слева овој одземен имот и на чија сметка ќе одат парите?! Фирмите со кои сега влегле во договор се на некој начин фиктивни, или вмроовски смислени за оваа намена, најверојатно.

Во кого впрочем Грујо би имал доверба да влезе во вакви сомнителни дилови. Како понатаму ќе се одвива трансакцијата меѓу фирмата договарач и ДПМНЕ? Можеби ќе осамне како спонзор на кампањата на груевци?!

Би било ептен занимливо и доколку непослушниот пратеник почне да оспорува, па ја префрли топката на суд. Но тоа е веќе друга приказна. Важно е дека за сега со такви потписи, пратениците на предизборната коалиција под водство на Груевски се сведени на стискачи на копчиња.

И при тоа не треба да лупаат глава, да ангажираат „сиви ќелии“, да мозгаат дали да гласаат вака или онака туку само треба да извршат директова „одгоре“. Ако почнат да „се понашаат“, тогаш ќе останат шворц. Со ваквите облигаторни релации може Груевски да протурка во Собранието и предлог за Сојуз со Белорусија. Ако запне, нели, затоа што пратениците не се научени да изнесат став кој ќе значи за нив загуба „во материјал“, ем функција.

ЕСЕНСКА РАСПРОДАЖБА НА ПРАТЕНИЦИ

Ако оваа менично-пратеничка сторија, што би ја нарекла „грујовизација“, е инспирирана од лесното купување на пратеници – за што пак би го употребила изразот „бајрамизација“, (според Амди Бајрам кој менуваше бои зависно од проценката кој е посилен) сепак ефектот е стравичен. Дали „грујовизацијата“ е лек против „бајрамизацијата“ на парламентот? Секако, не.

Затоа што веќе споменав дека на ваков начин пратениците само добија своја најниска почетна цена. Додека не им порасне вредноста на акциите, треба само да функционираат беспрекорно како марионетки. Кога догодина Бранко и де јуре, а не само де факто, ќе застане на чело на СДСМ веќе ќе има финансиска конструкција за тоа колку ќе кошта уривањето на владата на Груевски, без нови избори.

За потсеување, крешчендото на „бајрамизацијата“ или врвот на неморалот се случи есента 2000-та кога СДСМ реши да прави ново парламентарно мнозинство за да ја урне владата на Георгиевски и Џафери. Адутот беше Тупурковски и неговите 12 пратеници. Ваквите шпекулации Љубчо првично ги коментираше дека ако тоа ново мнозинство биде направено „од два-три купени пратеници од една партија, три-четворица од друга партија, тогаш Македонија е на добар пат да се претвори во една латиноамериканска држава, каде што пратениците се купуваат како на пазар“.

Го кажа тоа, и замина на пазар. При „пазарниот натпревар“ меѓу СДСМ и ДПМНЕ, собранието се претвори во Кванташки пазар. Се купуваше на големо. Одлучуваше кој дава повеќе.

Најпрвин Љубчо ја испроба формулата во општина Кукуречани. На изборите СДСМ коалиција имаше 7, а Промени 6 одборници. Но на конституирањето на Советот здружената опозиција веќе имаше советник помалку, затоа што еден нивен „напрасно“ се приклучи на ДПМНЕ.

Така Љубчо ја освои власта во Кукуречани. Се вежбаше таму. Во истиот кукуречански стил потоа не дозволија СДСМ да им ги „лапне“ пратениците. Феноменот е ДА, каде сите избраници преку ноќ му откажаа љубов на Цилета.

Зошто или за колку мотивациониот елемент на Љубчо бил посилен од истиот на Бранко, можеби ќе читаме во нечии мемоари. Пратеникот од ПДП, Харуни кој тогаш одбил да го задржи магичното плико (види рамка) вели дека го видел списокот на купените колеги.

Од друга страна сите македонски партиските лидери се како богот Јанус. Имаат две лица: едното е кога се на власт, другото кога се опозиција. Лелекаат кога од нив бегаат пратеници, се џилитаат кога ним им се приклучуваат.

Интересен феномен сега е што сите министри од НСДП, од ЛП и од ДПА- довчерашни коалициони партнери на Груевски, после владините двегодишни сеанси заминаа од партиите кои 2006-та ги регрутираа на тие функции.

Живко Јанкуловски основа една, Лазар Еленовски друга партија. ДПА-овците Имер Селмани и Сулејман Рушити барем заеднички се раздружија од Тачи и заеднички се здружија во нова партија. Очигледно груевци последниве две години функционираат по стандардите на крвна група АБ Рх+. Земаат од сите , а даваат само на својата група. Но тоа е волшебната моќ на секоја власт.

Дилемата е толкав ли е „шармот“ на Груевски што и туѓите министри не можат да му одолеат?! Или, што е тоа што лидерите на партиите со кои е во коалиција, ги отурнува од него?!

Додека не се случи нешто драматично Груевски, пардон неговите менични пратеници во стилот на „закрепостени селани“ ќе ги гледаме како изгласуваат и по 100-на закони на ден. Олеснителна околност за нив е што барем физички е полесна операцијата на притискање копче, отколку кревање рака. Ќе им се здрвеа „у вис“ рацете да не беше дигитализран законодавниот дом.

„Ова Собрание нема само како сенка да ја следи работата на Владата и да ги корегира, дополнува или редифинира нејзините проекти во квалитативна смисла туку и ќе продуцира и создава“- гордо изјави на неговата инаугурација спикерот Вељановски.

Како ќе ја следи работата на Владата? Како ќе ја корегира? Да не му потпишал и Груевски, Ставревски, Јанкуловска и Јанакиевски меници и изјави за верност?! Пратениците ги контролира тој што им ги држи мениците. Трајко само бил извршителот на задачите. Дури и да била негова креација целиот проект. Оттаму, неговото ветување дека наредните 4 години Собранието ќе станело храм на демократијата, покажува само дека вмровското сфаќање на демократијата е искривоколчено до апсурд.

А и со „грујовизацијата“ исто како и „бајрамизацијата“ Собранието ќе остане царство за политичката корупција.

Собраниска берза
ДПА ДАВА ДО ПОЛА МИЛИОН ЕВРА ЗА ПРАТЕНИК ОД ДУИ?!

Откако пратеничката од ДУИ, Зумрете Јакупи обнароди дека кога ДПА била на власт и’ понудиле половина милион евра за нејзин трансфер во ДПА, неочекувано се огласи и Јавниот обвинител Љупчо Шврговски. Ќе поработеле на случајот, ќе ја повикале на разговор да ги посочи имињата на поткупувачите, па зависно од резултатот ќе виделе дали ќе покренат кривична постапка.

Паралелно се огласија и од ДПА со најава за тужба за клевета против Јакупи. Во секој случај, според верзијата на Јакупи, таа најпрвин добила цена од 100 илјади, потоа скокнала понудата на 300, за на крајот да дотурка до половина милион евра.

Покрај забавниот дел од ценкањето, или од тоа како цената на Зумрете постојано скокала угоре, небаре само небото е лимит, останува енигматично дали пола милион евра е крајната цена што тачистите ја плаќаат за пратеник, или едноставно верноста на Јакупи кон Али Ахмети нема цена што било укапирано во ДПА дури од „трета мајка“.

Доколку доказите на непоткупливата Зумрете се сведуваат на жими мајка, тогаш останува само шпекулацијата дека дотичната достигнала солидна цена на собраниската пратеничка берза.

Сефедин ХАРУНИ:
МИТОТО ГО ВРАТИВ АМА НЕКОИ ПРАТЕНИЦИ СИ КУПИЈА СТАНОВИ

Исказот на пратеникот од ПДП, Сефедин Харуни даден од собраниската говорница за обидот да биде поткупен со кешовина пред осум години беше многу по „пластичен“ од актуелната сторија на Зумрете Јакупи од ДУИ.

Харуни тогаш ги покажа и фото-копиите на германските марки кои требале да бидат мамецот, своевиден елемент за убедување на „даропримачот“ да ја подржи на владата на Љубчо Георгиевски и Арбен Џафери, на која беше јасно дека и се подготвува ново парламентарно мнозинство преку „тимот“ на Тупурковски.

Харуни кој денес е професор на Педагошката академија, но и ве-де претседател кој ќе ја спасува ПДП откако Абдулајди Весели реши да се интегрира со ДПА, за „Фокус“ се потсетува на овој кванташки пратенички Пазар.

Обидот за купување на гласот на Харуни се одиграл во собраниската канцеларија. Висок функционер на ДПМНЕ, чие име сепак не сака јавно да го обелодени, после кусата средба му оставил плико. Вели дека не знаел што е тоа затоа што се се одвивало набрзина. Сепак, сака да нагласи дека целиот потфат според него бил нарачка од Тачи и ДПА. Во пликото имало 43 банкноти од по 1.000 германски марки. Или се вкупно 43.000 марки. Фоткопиите уште ги чува.

„Кога видов што има во пликото, ги фотокопирав, и се обидов да стапам во контакт со „митаџијата“ за да му ги врати марките. Но, не ми дигаше телефон. Бев упорен, па отидов кај него дома. Во присуство на неговата сопруга му го вратив „поткупот“. Ништо не рече. Јас сепак ги известив и странските амбасади за целата епизода’- раскажува Харуни.

Подоцна еден од оние што учествувале во купувањето пратеници му го доставил список на купените. Харуни знае и дека некои од пратениците си купиле станови со подарокот од ДПМНЕ. „Кешоловците“ сепак не сака јавно да ги идентификува.

„Сега кога Селмани му се отцепува, Тачи се жали како тоа било подготвено во лабораториите на Груевски. Заборава дека и тој беше подготвуван на ист начин во слични лаборатории, кога се отцепи од ПДП“, коментира Харуни, ве-де претседател на првата партија на македонските албанци, ПДП.

Поврзани новости