Вишиот јавен обвинител Пецо Везироски остана без својот пасош, со забрана да ја напушта државата, откако вчера беше уапсен поради сомнежи за влијание врз судски предмети.
-Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за определување мерки за претпазливост против Пецо Везироски – Виш јавен обвинител од Битола, по сослушување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, како и по ценење на фактите и доказите содржани во предлогот, донесе решение со кое го прифати предлогот на ОЈО ГОКК, информираат од Кривичниот суд.
Од Кривичен соопштуваат дека „против П.В., кој се сомничи за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“ од член 359 став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик, со оглед на фактот дека судот не може да му определи построга мерка од мерката предложена од јавниот обвинител, му се определуваат мерки за претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за преземање определени работни активности.
-Против ова решение странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд, додаваат од Кривичен.