Нашите работодавачи треба да земат пример од соседството, поконкретно од Црна Гора и Србија, каде минималната плата е повисока и константно оди нагоре. Да се охрабрат и да се согласат таа да стане повисока од сегашните 421 евро која беше усвоена според нас на незаконски начин и е навистина е под достоинството на работникот, вели во видео-разговорот за „Фокус“, првиот човек на Сојузот на синдикатите на Македонија Слободан Трендафилов. Споредувајќи ги платите во Црна Гора и Македонија, Трендафилов со мала доза на иронија вели дека на луѓето кај нас повеќе ќе им се исплати да плаќаат станарина во Подгорица и повторно ќе имаат поголема плата од тоа што ќе примаат во Македонија во моментов.
Тој посочува дека досега не наидуваат на слух кај работодавачите откако со направени претходни анализи Синдикатот со право бара да се зголеми и минималната плата, но и сите останати плати на работниците. И, дека е крајно време тоа да се случи. Во врска со идејата на работодавачите, да се намалат празничните денови за работниците, претседателот на ССМ вели:
„Нас не не изненадува кога од страна на газдите доаѓаат предлози за кратење на работничките права. Но, морам да кажам дека сме пријатно изненадени дека и Цркват и Владата дадоа поддршка на работниците. Затоа што правото на одмор е право на работниците да ги празнуваат деновите за кои тие сметаат дека треба да ги празнуваат да бидат дома со своите семејства, да одат во верските храмови, без оглед на која религија и припаѓаат. Она што нас на загрижува е тоа што Стопанската комора од време на време знае да излезе во јавност со соопштенија и прес конференции во насока на уназадување на работничките права. Патем, тие во претходните 36 години се најголемите виновници што ги избркаа младите со ваквите мора да кажам нечовечки предлози“, потенцира: во видео-интервјуто за „Фокус“ првиот синдикалец Трендафилов.
Подготвиле: З.Ф. – Т.Г. – О.К.