Универзитетската професорка Ана Чупеска вели дека Христијан Мицкоски треба да ги сподели сознанијата за трагичните настани во земјава, бидејќи во спротивно манипулира со јавноста.
-Во секој случај мислам дека сите информации кои ги има, ако воопшто ги има час поскоро треба да ги сподели заради задоволување на правдата, како за жртвите така и за обвинетите. Доколку не го направи тоа, треба да е целосно свесен дека на најлош можен начин манипулира со жртвите и нивните семејства – вели таа за „Рацин“.
Чупеска нагласува дека Мицкоски со оваа негова изјава дека поседува информации за делото, а не постапува како одговорен граѓанин и лидер на политичка партија, не само што прекршува закон со прикривање информации, туку и манипулира со јавноста.
-Наместо да манипулира, за Мицкоски ќе биде подобро да раскаже во кратки црти за што разговараа и договараа на неколкуте средби кои ги имаа со Палчо и за каква заедничка платформа правеа договараа – вели професорката.
Да не се злоупотребува и политизира двојното убиство, порача и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
-Ако Мицкоски има докази веднаш да ги достави на истражните органи. Изјавите кои ги дава лидерот на опозицијата се најдолен вид на политиканство кои ги преземаат екстремно десничарските кругови и со кои уште еднаш ги убиваат жртвите – рече тој.