Ако не е добро, син ми да беше премиер, ќе викав уааа!

by Fokus

Во последниот период на удар на јавноста се најдоа оние кои го подржале протестот против францускиот предлог, а претходно биле дел од „шарената револуција“.

На листата на „предавници“ што се спротивставија на актуелната власт се најде и професорката по македонски јазик во скопската гимназија „Корчагин“, Татјана Алексиќ. Таа беше и дел од Шарената револуција, но голем поддржувач и на протестите против францускиот предлог, со што веднаш стана мета на напади дека автоматски го сменила таборот.

     „За политика сум аналфабет, но кога нешто ги загрозува учениците и македонскиот јазик, мојата професионална заложба, не можам да седам мирно рамнодушно повторувајќи ја репликата од Бекетовата антидрама ,,nothing to be done“, или по нашки ,,тоа ни е судбина, и ништо не можеш“. Ние сме си сами себеси антагонисти, Македонија е една бескрајна антидрама.

     

  Судбината си ја продадовме, нема веќе на што да се „вадиме“. Првпат излегов на протести со студентите, секогаш во право, со средношколците против екстерното, скршнато (забегано) од првичната добра идеја во утилитарна политичка алатка. Излегував на протести за да нѐ слушнат тогашната власт и МОН дека и наставниците, и учениците страдаат поради лошата образовна политика“, тврди во изјава за „Фокус“, професорката Алексиќ.

Таа додава дека никогаш не ѝ било битно кој е на власт.

          „Син ми да беше премиер, ќе викав уаааа! Втор пат во животот излегувам на протести поради непристојниот предлог на соседна Бугарија и „френч кис“ од кој се добива мононуклеоза. Од оваа перспектива, протестите против екстерното се наива во споредба со ваков либерален фашизам, фино спакуван под рувото на ЕУ.

        

Не се споредуваат овие протести со Шарената револуција, немаат иста тематска врска, ниту иста идејна порака. Едно е да протестираш против лошите образовни политики под режимот на една власт, која никогаш не може да биде вечна, друго е да протестираш за решавање вековно прашање од универзални вредности за сите идни генерации“, тврди професорката.

Според неа, вечна е само Македонија, власта е менлива, минлива, но и проблематична, особено кога дозволува раскол меѓу својот народ.

Едно е да крадеш материјално и економски да ја осиромашуваш земјата, друго е да крадеш идеолошки и да ѝ ја украдеш душата на својот народ, да ѝ го одземеш правото на судбина. Сите сме свесни дека овој пат царот е „дибидус“ гол и му ја гледаме голотијата гледајќи се во огледало!

 

Невозможно е еден разумен човек да не види игри без граници, читајќи го „новиот“ предлог на француското претседателство, особено величествениот член 12 од Договорот со Бугарија – преку „годишен преглед и мерки за негово ефективно спроведување…”, во согласност со низа документи, меѓу кои и „други заклучоци на Советот“, како и перфидно маскирање на прашањето за јазикот. Уште не разбирам како дозволивме да ни го препризнава некој македонскиот јазик отпосле, како да ни потврдуваат дека сме луѓе со своја днк“, додава Алексиќ.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Ирена Мулачка

Поврзани новости