Калањево е во голема опасност! Ако за кратко не дојдат ер трактори, Калањево ќе изгори, алармираат доброволци кои осум дена помагаат во гасење на пожарот во неготинско.
Како што пренесуваат од терен, итно им е потребна помош.
-Објавете, ве молиме, зошто ништо не не спасува, ние сме овде, од самото место информираме. Потребна ни е помош од воздух, сами со гасење од копно не можеме да пристигнеме, за ,,Фокус” известуваат доброволците.
Пред неколку часа и градоначалникот д-р Горан Стојанов упати јавен апел, да се испрати воздушна поддршка.
-До моментот на објавување на ова известување само за кратко се интервенираше од воздух со 2 хеликоптери, додека изостана вклучувањето во гаснењето на пожарот од други воздухоплови како што се ер трактори и авиони за гаснење пожари.
Во најголем дел гаснењето се одвива од земја со механизација и човечки ресурси со вклучување на војници, полиција, пожарникари, ловџии и други доброволци.
Како градоначалник на Општина Неготино апелирам до надлежните во ЦУК за итно и помасовно вклучување на авиони, ер трактори и хеликоптери во гаснењето на пожарот на планината Серта од неготинска страна, порача тој.
Вики Клинчарова