Ако нашите не сакаат да работат 60 часа неделно, ќе увеземе работници од странство, рече Груби

by Fokus

Договорот потпишан со конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите е државна тајна, и како таков не може да биде објавен, изјави денеска вицепремирот, Артан Груби, на брифинг со новинарите. Конзорциумот е тој што барал договорот да биде класифициран. Но доставен му е сепак на Јавното обвинителство, кој треба да ги следи работите.

-Тоа е секаде каде што гради овој конзорциум. Така беше и во Србија и на Блискиот исток. Тоа не е ништо чудно, рече Груби на брифингот со новинарите.

Пратениците јавно го побараа договорот, но Груби рече дека ниту народните избраници нема да го добијат на увид бидејќи имал бизнис тајни.

Објаснувајќи ги измените на Законот за работни односи со кои работната недела ќе се зголеми од 40 на 60 часа за работниците кои ќе ги градат автопатите, Груби убедуваше дека е неопходно да се донесат законските измени со цел коридорите да бидат изградени и поевтино и побрзо.

-Ние сакаме проектот да чини поевтино и да се изгради побрзо. Во спротивно ќе чини и повеќе и ќе се гради повеќе време – рече Груби.

На прашањето како според новиот закон работниците ќе работат 60 часа неделно кога тоа е противуставно Груби рече:

-Ако нема доволно работна сила ќе се увезува од странство. Никој не ги тера со сила – рече тој.

 

Поврзани новости