Ако најдете неексплодиран проектил, не го земајте, предупредува Општина Неготино

by Fokus

На први септември започнаа заедничките активности на Армија на Република Северна Македонија со припадници од Вооружените Сили на САД од составот на КФОР на Армискиот полигон Криволак, Неготино.

Министерството за одбрана информира за одржувањето на заедничката вежба која ќе трае до 30-ти септември годинава, а пак од Општина Неготино излегоа со соопштение до локалното население, доколку некој наиде на неексплодирани проектили, да не ги допира, туку да пријави во полиција.

Исто така, месното население доби забрана за движење и престој на луѓе, моторни возила, стока, како и оставање на моторни возила во роните каде ќе се извршуваат планираните гаѓања. Забраната се однесува на реоните реоните Брест, Кршковица, Мушанци, Голема Страна, Кашаи Тубре, Бел Камен, Козарник, Џидимирци, Читаклија, Кукулци, Кара Оџали, Хаџи Хамзали, Кавлик, Алајка, Кур Тепе, Штраклево и Енешево.

-Во периодот од први септември 2020 година до 30-ти септември 2020 година, се забранува секакво движење и престој на луѓе, моторни возила, стока како и оставање на моторни возила во наведените реони. Исто така, се забранува било какво земање или допирање на неексплодирани проектили или средства, кои можат да бидат опасни по живот, а доколу се пронајдат такви средства истите да се обележат и да се известат надлежните органи од Командата на АП „ Криволак “ или СВР Штип, ПС од ОН Неготино – ПС од ОН Кавадарци и ПС Градско. Вежбалиштата на кои ќе се извршуваат планираните активности ќе бидат видно обележани согласно Законските прописи на Армијата како и обезбедени со физичко обезбедување-наведено е во соопштението кое е објавено на општинската официјална страница.

Првично, министерката за одбрана Радмила Шекеринска информираше дека армијата се подготвува за заедничка вежба со КФОР на Криволак, која ќе се одржи од 15-ти август до 25-ти септември. Беше објавено дека на истата ќе учествуваат 170 армиски припадници од САД и десет од Полска. Нема информација зошто датумот беше поместен. Лани на полигонот Криволак се одржа вежбата „Одлучен удар” на која учествуваа околу 2.700 припадници на војската од земјава, САД, Литванија, Албанија, Црна Гора и Бугарија.

Пред два месеци, за време на посетата на АП Криволак, министерката изјави дека полигонот е одличен ресурс за нашата армија, но но со модернизацијата и инвестициите е убедена како Криволак ќе биде најдобриот полигон за вежби на НАТО на Европскиот континент.

Вики Клинчарова

Поврзани новости