Ако Мицкоски не научи да „плива“, ќе потоне како Каракачанов и Шешељ!

by Фокус

Не знам за која сламка ќе се фати ВМРО-ДПМНЕ ако пропаднат преговорите со Европската Унија баш поради нивната задртост и кочење на сите процеси што Македонија мора да ги истера ако сака да види некаков напредок и некаква благосостојба за своите граѓани.

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Ај, сега што правиме? Премиерот Ковачевски ти вели: „И да не поминат уставните измени, нема да има предвремени избори“! Гадно. За опозицијата.

Па нели покрај „Бехтел и Енка“, па Албанците што ни се качени на глава, па Бугарите што ќе нѐ асимилирале, па националното предавство, губењето на идентитетот и јазикот, па високата корупција, дури и ликерот што го набавила Владата, сето тоа на куп мораше да доведе до едно итно и јако треснување на оваа влада и конечно да се дојде до тие проклети, предвремени избори за кои сонува опозицијата.

Но, сето тоа џабе. Сега се крстат во „невозможноста“ да се случат уставните промени без нивно одобрение во Парламентот, за што нотарски дадоа беса дека такво одобрение од нивна страна никогаш нема да дојде!

Сепак, до редовни избори набргу ќе дојде. Но, ако не поминат уставните измени прашањето е: што ќе дојде потоа, по изборите?

НОВ ЛИСТ

Јасно е дека нашите пријатели од евроатлантската алијанса ќе го свртат листот. Тоа отворено ни го кажуваат. И Ескобар, и Борел и Вархеј и челниците од сите европски центри. Јасно ни дадоа до знаење дека веќе нема да се бавтаат со нас, дека кај нив нема пиши-бриши, дека нема да има нова рамка. Точка. Земи или остави!

Тоа што еднаш со триста маки го испреговарале, го напишале и го потпишале европските земји, а бе нема сила што ќе ги натера да го преправат.

Можеби понатаму, некогаш во годините што ќе доаѓаат, повторно ќе почнат да се занимаваат со нас, ама тогаш ќе ни понудат многу потешки услови од овие сега. Не треба да се мачиме со изнаоѓање примери настрана. Тоа си го знаеме од сопственото искуство.

Безумното кочење и одбивањето на преземените обврски од Преговарачката рамка за внесување на Бугарите во Уставот дефинитивно води до прекин на преговарачкиот процес со ЕУ и до нарушување на односите со САД.

За тоа некој ќе го крка: дали ќе биде тоа само опозицијата или, што е поверојатно, и сите ние топтан што живееме на ова парче земја − значи цела Македонија (се разбира, ако остане цела!), набргу ќе осетиме.

На олку предупредувања од страна на сите светски фактори од западната сфера, на олку молење да размислиме што правиме, кој пат ќе го фатиме, на олку отворена покана и поттикнување да се придружиме во нивното друштво и на олку несебична материјална поддршка што ни ја даваат преку разни фондови, ние ќе се скршиме баш на бугарското прашање, токму како што посакува Бугарија.

СЛАМКА ЗА СПАС

Нејзиниот челник Румен Радев, откако тивко и вешто беше надигран од наша страна која мајсторски го изведе компонирањето на Преговарачката рамка од која изостанаа сите клучни барања на Бугарија, брзо се снајде.
Се досети да игра голем демократ и почна да се вади со флоскулата за „човековите права“, во случајов за правата на Бугарите во Македонија.

Како за сламка се фати дури и за оној пробисвет од Охрид колку да си го обели образот пред бугарската јавност, истовремено до дно понижувајќи ја и потценувајќи ја интелектуална Бугарија, која нема доживеано од нивниот претседател такво воспевање, поклон доземи кон никого како кон Пендиков, Бугаринот од Македонија.

Не знам за која сламка ќе се фати ВМРО-ДПМНЕ ако пропаднат преговорите со Европската Унија баш поради нивната задртост и кочење на сите процеси што Македонија мора да ги истера ако сака да види некаков напредок и некаква благосостојба за своите граѓани.

Всушност, ВМРО-ДПМНЕ веќе се држи на сламка. Мавта со раце, со нозе само да се задржи на површината. Ќе прета, ќе прета, ќе допрета.

Ако набргу, во следниве летни месеци, ВМРО-ДПМНЕ не научи да плива во водите на меѓународната политиката, набргу ќе потоне како што потона и фашизоидната „Златна зора“ во Грција, како што потона (братското?) ВМРО на Каракачанов, па и како Шешељ, кој од неговата политика направи козерија со која ја забавува српската јавност.

Поврзани новости