Усеин Р. (59) од Кочани доби казна доживотен затвор бидејќи лани во септември со 42 убоди од нож ја уби Танкица Младеновска (46) исто така од Кочани, пред нејзиниот куќен праг, кога тргнала на работа. Мајка, ќерка, пријателка, жена работничка во конфекција, вредна, тивка… така за ,,Фокус” ја опиша жртвата нејзина блиска пријателка, чиј идентитет е познат на нашата редакција, но не е објавен бидејќи, како што вели, се плаши од реакции на семејството на Усеин, поради кого Танкица живеела во терор и агонија цели седум години.
-По се што и направи Усеин на Танкица, пресудата доживотен затвор е најмалку што можеше системот да направи за неа и нејзиното семејство. Но, и тоа не е доволно, иако што и да кажеме сега, нема ништо да се промени, нашата пријателка нема да се врати назад.
Она кое сите посебно не погоди е фактот што таа очајно бараше помош, и верувам дека нејзината смрт можеше да се превенира, доколку институциите ја сфатеа сериозно и реагираа соодветно.
Тоа секогаш ќе не мачи, зошто не се спречи смртта на оваа недолжна жена, жртва на еден насилник, уценувач, а сега и ладнокрвен убиец, кој веднаш откако таа го пријави во полиција, требаше да се најде зад решетки. Повикан на разговор и пуштен… ќе има ли одговорност за тој пропуст кој една жена го плати со живот?- прашува пријателката на Танкица.
Откако се случи грозоморното убиство на Танкица, за настанот реагираше и Хелсиншкиот комитет за човекови слободи и права. Бараа итно да се почне со испитување на одговорноста на службените лица во врска со убиството, кои знаеле дека Танкица била под континуирано насилство на убиецот.
-Непреземањето соодветни мерки од надлежните институции и неправилната, или отсуство на имплементација на законите, доведува до убиство, односно фемицид како најекстремна форма на насилство врз жените кој најчесто се извршува од страна на маж. Жртвата е секогаш жена.
Алармантен е податокот од истражувањето на ОБСЕ, објавено во 2019, дека жените многу ретко го пријавуваат насилството кое претходи, односно се пријавени само 2% од насилните инциденти и тоа најчесто се пријавува најсериозниот – истакнаа тогаш од Хелсиншки комитет.
И пријателката на Танкица вели дека целиот овој случај кој ја вознемири јавноста, е само уште еден показател дека жените кои ќе се охрабрат да пријават насилство или закани, се соочуваат со прашањето – Дали ќе добиеме соодветна заштита од институциите ако пријавиме закани или насилство, или пак со пријавата уште повеќе ќе го разгневиме насилникот, како што беше во овој случај?
-Откако Танкица го пријави дека од неа изнудува пари и и се заканува, тој уште повеќе се разгневи, и на крај покажа дека со него нема игра, ја уби безмилосно. Ќе беше ли уште жива ако не го пријавеше, ако продолжеше да живее во агонија и да го финансира?- прашува нашата соговорничка.
Ќерката на Танкица пак, вчера по изрекувањето на пресудата реагираше на социјалните мрежи и објави линк од електронски медиум со веста за убиството на мајка и, на кој се објавени и фотографии од нејзиното безживотно тело среде улица, направени набргу по убиството.
-Каков доживотен затвор, некој ќе се превртува во гроб, а некој ќе ужива во затвор, напиша таа. Сепак, јавно не сакаше да зборува за трагедијата.
Усеин вчера доби казна доживотен затвор за кривичното дело – Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп начин, но за кривичното дело Уцена, тој не признал вина и за тој дел од обвинението ќе продолжела судска постапка.
Пред да биде убиена, Танкица го пријавила во полиција за континуирана уцена и изнуда на пари.
Вики Клинчарова