Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој вели дека неколку влијателни земји-членки на ЕУ се против проширување. Според него, доколку покажеме резултати во борбата со криминалот и корупцијата, притисокот ќе се префрли кон Бугарија. Независно од исходот на претседателските избори во САД, тој посочува дека Македонија ќе има партнер број 1 во САД.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Ако СДСМ се однесуваше попустлививо кон Софија, кај Вас се забележува една друга крајност. Имено, Бугарија ја нарекувате најслаба членка на ЕУ, неспособна да организира избори и да избере влада, поради што реагираа од официјална Софија. Нели сметате дека тоа е неизбалансиран и контрапродуктивен пристап, кој оди во корист на бугарската позиција?
НИКОЛОСКИ: Зоран Заев, Димитар Ковачевски, Артан Груби и Бујар Османи направија тоа што направија со државата, ја понижија максимално. Не сметам дека кажав ништо надвор од тоа што е вистина.
Факт е дека секогаш кога во Бугарија доаѓаат избори, темата Македонија е високоексплоатирана и суштината на тоа што го кажав е дека не сакаме некој во Бугарија да добива поени на оваа тема. Проблемот е што во Бугарија пречесто има избори и темава никако да се затвори, а бидејќи има пречесто избори, согласно нивото законодавство, има технички влади кои не одат на избори.
Бугарија сега има раководство кое бугарскиот народ не го гласал на избори. И мислам дека тоа раководство му прави штета и на бугарскиот народ, кој убеден сум дека сака добри односи со македонскиот народ. Сега за постојнава бугарска влада најдобро е и следните избори да пропаднат за да останат пак техничка влада.
ФОКУС: Вие промовиравте една теза дека побрзо ќе станеме членка на ЕУ ако се справиме со криминалот и корупцијата. Како евентуалните резултати на овој план ќе ни го премостат проблемот со Бугарија и обврската за уставни измени?
НИКОЛОСКИ: Стојам позади тоа дека ако Македонија, а убеден сум дека оваа влада ќе даде резултати во делот на реформи и борба со организиран криминал и корупција, притисокот кон Бугарија ќе биде голем и ќе се сменат работите.
Убеден сум дека неколку големи земји-членки на ЕУ сметаат дека проширување не треба да се случува, зашто државите од регионот не се спремни.
ФОКУС: Во неколку наврати јавно велевте дека Германија не е меѓу нив, но кои се тие? Дали се Франција, Холандија, Данска…?
НИКОЛОСКИ: Па мислам дека е доволно, зборувавме на почетокот за државна тајна, па доволно е дотука. Суштината е дека ако успееме да ги решиме домашните проблеми нивниот однос ќе биде различен.
ФОКУС: Дали ако Доналд Трамп стане претседател на САД сметате дека Македонија ќе биде во поповолна позиција?
НИКОЛОСКИ: Исто мислам дека ќе биде. САД се најголемиот партнер на Македонија, можеби и единствен искрен пријател на Македонија. И без разлика дали во САД претседател бил демократ или републиканец ние секогаш сме имале партнер број 1 во нив.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.