Косовскиот премиер, Албин Курти вели дека Косово не бара конфликт, туку мир и дијалог со Србија, но порача дека, доколку биде потребно, државата „ќе се одбрани решително и силно“.
Реакцијата на Курти уследи по барањето на српскиот претседател Александар Вучиќ и на премиерката Ана Брнабиќ за испраќање војска во Косово, согласно резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.
– Претседателот и премиерката на Србија отворено се заканија и со воена агресија, барајќи српската војска да се врати на наша територија. Ние не бараме конфликт, туку дијалог и мир. Но, дозволете ми да бидам јасен: Република Косово ќе се одбрани решително и силно, порача Курти преку неговата страница на Фејсбук.
Српскиот претседател Вучиќ вчера на прес-конференција изјави дека ќе побара од мировните сили на НАТО, КФОР, да дозволат враќање на српската војска и полиција во Косово. Ден порано истото го најави и премиерката Брнабиќ.