Од вчера (петок), започна тридневниот настан во чест на д-р Трајче Нешковски, специјалист интернист од Клиниката за пулмоалергологија, кој го загуби животот на 32 години, во сообраќајка, откако му се слошило и изгубил контрола над автомобилот, на 14-ти октомври 2020 година.
За да се продолжи делото на докторот, кој беше голем хуманист, формирано е Хуманитарно здружение на граѓани ,,Д-р Трајче Нешковски” од Гостивар, кое во изминатите години редовно организира низа на настани за помош на граѓаните.
Годинава, хуманитарниот настан е со цел да се помогне во различни сфери и повеќе категории на граѓани кои имаат потреба, но и го опфаќаат пошироките јавен интерес.
Синоќа, во склоп на настанот се одржа хуманитарна музичка вечер во Боа Бар, на која настапија Бени и Нон Стоп, Дорис Ди и Саундчек. Денес се одржува крводарителска акција, а потоа и детска програма на плоштад во Гостивар, а за утре е најавен четвртиот по ред меморијален спортски турнир. Сите детали за настаните можат да се најдат на страницата на здружението на социјалната мрежа Фејсбук.
Како што појаснуваат од таму, преку хуманираните настани годинава ќе се обезбеди бесплатна градинка за деца на самохрани родители, целосно реновирање на детско игралиште во населба Малеарди, како и ваучери за перики и помагала на жени болни од рак на дојка.
-Ако човекот живее онолку колку што се спомнува, тогаш Трајче живее секој ден, е мотото на хуманираното здружение во чест на доктор Нешковски.
Вики Клинчарова