Ако беше дилер, ќе седеше во затвор! Сите лажевте и се обидовте да го оцрните момчето по титовски начин! Тројца расисти претепаа доброволец на македонскиот Црвен Крст, само затоа што се чувствува како Бугарин! Сите кои ги поддржуваат се фашисти. Ако некој политичар ве провоцира, одете и тепајте го него. А не да излегувате тројца на еден на едно добро младо момче – пишува бугарската Фондација Македонија, на својата страница, како одговор на коментари од јавноста, во кои граѓани порачуваат дека охриѓанецот Христијан Пендиков е дилер, бидејќи минатиот месец бил фатен со кокаин, што беше заведено и во дневните билтени на МВР.
Од фондацијата тврдат дека сите медиуми во Македонија го прогласиле Христијан за криминалец, иако тој немал никакви противопштествени дејствија, туку бил волонтер во Црвен Крст. Исто така, на страницата на фондацијата е објавено и соопштение до медиумите, дека мајката на натепаниот охриѓанец се заблагодарува на бугарското МНР, на државното раководство, на бугарскиот конзул во Македонија, како и на целото бугарско општество кое му дало поддршка на Христијан.
Кога ќе се подобрела неговата состојба, таа ќе дадела изјава за бугарските медиуми, а Фондација Македонија ќе организирала прес конференција на темата. Основач на фондацијата е бугаринот Виктор Стојанов, кој пред три дена јавно порача дека ќе дојдат илјадници, и кој ќе крене рака на Бугарин, ќе остане без раката. Вчера на страницата на фондацијата беше објавен идентитетот и фотографии од трите момчиња кои го натепале Пендиков. Беше објавена и фотографија од настан кој се случил во Добрич, за поддршка на Христијан, каде луѓе стојат со транспарент – Христијан е херој! Македонија е бугарска!
Вики Клинчарова