Директорот на Агенцијата за електронски комуникации Јетон Акику вели дека тоа што му е зет на поранешниот функционер на ДУИ, Невзат Бејта, не било пресудно да биде на оваа функција. Тој ова го изјави во денешното интервју за Радио Слобода Европа.
„Директор не станав со унапредување, имаше оглас на кој што конкурирав. Двајца конкуриравме, во тој оглас комисијата која што е надлежна за избор на директор одлучи јас да бидам директор“, изјави Акику.
Претходно тој бил раководител на финансиското одделение во АЕК, а за неговата политичка позадина вели дека „таа не би требало да игра никаква улога и дека не верува дека има врска со тоа“.
На парашањето како дека има повеќе вработени АЕК, кои се сопруги на поранешни и актуелни функционери и политички фаци како Кирил Божиновски, Мартин Протуѓер, Бујар Османи, ќерката на поранешен претседател на Уставен суд, како и син на поранешната директорка на здравствен инспекторат тој одговара дека тие вработувања се од поодамна и дека ниту еден не е вработен со прекршување на законската процедура.
„Тие вработувања се постари што ги спомнуваш, не можам да кажам, ама во принцип вработувањето, по мое знаење, нити еден не е вработен со прекршување на било која од законските процедури“, вели Акику.
Тој објаснува дека Македонија е мала држава и дека најверојатно во секоја институција би имал некој вработен што има некоја релација со некој функционер.