Акајлии и абдали

by Фокус

Регрутирањето партиски војници за изборни гласови, претежно абдали од општествените маргини, почна веднаш по воведувањето на повеќепартискиот систем. Клиентелизмот беше и остана увертира во деинституционализација на системот.

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Од искон до денес, ниту една власт не сакала да има акајлии! Ако можела да избира, повеќе од сигурно е дека ќе се одлучувала за просечни и послушни абдали! Цинично констатирано, „светото трио“ што го движи светот е симбиозата меѓу политиката, бизнисот и криминалот!

Таму каде што завршува рациото, почнуваат небулозите за и околу Македонија! Формулата за опстојување најсликовито ја опишува хроничарот на македонската душа, Петре М. Андреевски, кога главниот јунак од романот „Пиреј“ прашува: „Што ќе правиме сега, војводо“? и одговорот: „Кај сакате одете“?

„ПИШИ СЕ КАКО САКАШ“

Очигледно, во минатото прилагодувањето било единствен начин на кој пирејот преживувал. Тој бил метафората за рациото на војводата: „Пиши се како сакаш“? Денешните Македонци се препознаваат себеси во оваа метафора, која стана модел за опстојување и бргу станување потурици, големосрби, големобугари. Уникатен феномен иста мајка да раѓа Бугарин, Србин и Грк.

Логиката на војводата била дека за содавање држава треба многу нишани, тогаш таа била само територија. Денес има држава, недоносче ин витро родено и несозреано во инкубатор за самостојност. Со властодршци испливани од дното на површината. Необразовани, некомпетентни и неморални, кои од Македонија, триесет и три години прават буниште. Држава со прекрстено име и изгубена во преводот.

Еден од најзначајните драмски писатели, чии текстови ја отсликуваат суштината на македонскиот живот и духовност, Горан Стефановски, во „Диво месо“ ја кажува култната реченица: „Денес сè се купува и продава. Дури и она што луѓето мислат дека нема цена. Тоа обично е и најевтино“!

Деветгодишниот Македон Димитровски од Тетово има коефициент на интелигенција 137, зборува повеќе јазици, меѓу кои кинески и арапски, освојува златни медали по математика, неодамна и во САД на математичката олимпијада за основни училишта. Се очекува со текот на растењето, IQ на Македон да се зголеми до 140-150.

За споредба, коефициентот на интелигенција кај луѓето се движи од 85 до 115, при што меѓу 120 – 140 се смета за многу супериорен, а оние над 140 се генијалци.

Регрутирањето партиски војници за изборни гласови, претежно абдали од општествените маргини, почна веднаш по воведувањето на повеќепартискиот систем. Клиентелизмот беше и остана увертира во деинституционализација на системот.

ОДЛИВ НА МОЗОЦИ

Фалц дипломирани абдали за неработа и шабанерија од „Мерко“ во Струга, „Државниот“ во Тетово, „Дрде“ во Скопје и слични парауниверзитети за интелектуален криминал. Бројлер дипломираните кадри, кои абер немаат за водење држава и исаф за арамилак, ама имаат голем мерак за власт, сласт и маст.

Маргинализирањето и игнорирањето на умните и мудрите, односно ерозијата на мерит системот на способности и заслуги, ескалира во 2007 година со споил системот на плен или грабеж за „рамковни вработувања“ на државни јасли. Со него се форсира правична застапеност на абдали од етничките заедници, со што однапред се елиминираат да конкурираат заинтересираните акајлии.

Третиот ноу-хау принцип беше регрутирање гласачко стадо. Сè уште е во сеќавање телевизиското шоу од 2013 година преку лотариско топтан вработување на 1.600 лица од ранливи социјални категории во јавното претпријатие „Македонски шуми“. Оттаму, потоа се трансферираа во разни државни институции.

Како резултат на трите елементи се случува демографскиот егзодус со „одлив на мозоци“, со што на абдалите им се остава широк простор и неограничени можности да ги прокудат акајлиите.

Состојба на дежа ву, повторување на работите од 1990-тите до денес! Владеење на душмански џган, кој Македонија ја опустоши со корупција. Ниту вештачката интелигенција нема да ја спаси, но умните и мудри сигурно ќе ја избават!

Македонците се акајлии, само умот доцна им доаѓа. Проблемот е што ниту една власт не ги мириса тие што размислуваат со свои глави. Знае дека таквите ниту се тераат, ниту се водат.

Македонија е таква каква што е. Сепак, има надеж дека може да биде успешна приказна, единствено ако се победи самата себе и отвори пат за умни и креативни како што е малиот генијалец Македон!

Поврзани новости