Академик Владo Камбовски и во следните четири години ќе биде член на Надзорниот одбор на ТТК Банка. Веста ја соопшти банката преку Македонската берза за долгорочни хартии од вредност.
„Ве известуваме дека со Решение на Гувернерката на Народна банка на Република Северна Македонија од 15.08.2024 година, издадена е претходна согласност за повторно именување на академик Владо Камбовски за независен член на Надзорниот одбор на ТТК Банка АД Скопје, со нов мандат од 4 (четири) години сметано од 19 септември 2024 година“, се вели во икзвестувањето од ТТК Банка.
Предлогот академик Камбовски да биде уште четири години член на НО на ТТК Банка го даде во јули годинава најзначајниот акционер на банката, а тоа е тетовскиот комбинат Тетекс, кој поседува над 41 отсто од акциите со право на глас, а истиот месец го прифати и Собранието на акционери.
„Предложениот кандидат поседува професионални квалификации да ја извршува работата од делокругот на работењето на НО на банката, што се докажа со неговото досегашно членство. Неговиот придонес во работата на НО е исклучителен и со своето натамошно членство ќе придонесува НО на ТТК банка доследно да ги извршува работите од своја надлежност“, беше наведено од предлагачите.
Академик Владо Камбовски (76) е доктор на правни науки и поранешен министер за правда. Камбовски замина во пензија како редовен професор на Правниот факултет во Скопје, сега е во пензија. Тој е член на МАНУ, каде е раководител на Центарот за стратегиски истражувања.
Неговите вложувања во акции на Комерцијална банка и на ТТК Банка денеска вредат 1,56 милиони евра.
О.К.