Академик Коцарев: Идентитетските прашања не само што не се затворени, туку и понатаму грубо се отвораат

by fokus

Нужно е Македонската академија на науките и уметностите да иницира две активности – едната е поврзана со првото издание на Македонската енциклопедија и, како што рече, нејзино враќање во библиотеката со сите недоследности и недоречености, а втората активност е МАНУ повторно да организира научна расправа за Спогодбата од Преспа од 2018 година, рече претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, на одбележувањето на 53-годишнината од нејзиното основање.

Целта е научно и аргументирано да се зборува за нејзиното значење и повторно, по конференцијата на МАНУ во септември 2018, да се проговори за различните толкувања на членовите на Спогодбата и за импликациите што тие ги имаат врз иднината на земјава. Тој посочи на претходни укажувања од научници и лингвисти за разлики во преводот од англиски јазик на Спогодбата во однос на категориите „државјанство“ и „националност“.

– Во англиската верзија, член 3б јасно разликува две категории: ‘националност’ и ‘државјанство’ (или граѓанин, жител). Уште повеќе, во англискиот член кај националност е наведен зборот „македонска“, а кај државјанство синтагмата „граѓанин на Република Северна Македонија“. Оттука, може да се констатира дека македонскиот превод нотира само една категорија. Во него е испуштена категоријата националност, а зачувано е само државјанството (граѓанин). Не навлегувајќи подетално во оваа тема, само би напоменал дека термините националност и државјанство не се синоними и имаат различни значења, истакна Коцарев.

Додадавајќи дека идентитетските прашања „не само што не се затворени, туку и понатаму грубо се отвораат“, како пример ја посочи официјална Софија која, како што рече, „инсистира да се избегнува користењето на терминот ’македонски јазик’ и настапува со критични тези за формирањето на македонската нација“.

– Ако за некои мислители не е спорен македонскиот идентитет и македонската етничка припадност, дали Спогодбата од Преспа (веќе) доведе до истребување, лишување на македонската националност? Дали со Спогодбата е доведен во прашање суверенитетот на нашата држава? Ова се само мал дел од прашањата за коишто МАНУ треба и мора да понуди научна и аргументирана анализа, водејќи сметка за достоинственото на сите, вклучувајќи ги и Македонците, рече Коцарев во обраќањето.

Поврзани новости