Денес, утре, еве веднаш нека ја стават точката за една изборна единица во рамките на парламентот и сите сложно консензуално да ја усвоиме таа точка, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
-Да помине не мора консензуално, има политички партии кои што се против тоа, тие што се таму да ја усвоиме оваа измена за една изборна единица што беше практично и барање на помалите партии. Нели Народна на Георгиевски, ДOM на Морачанин, ЛДП на Милевски, Демократски сојуз на Трајанов, и останатите бараа една изборна единица и тоа е колку што знам коалициски договор со СДСМ – вели Мицкоски.
Бидејќи СДСМ во моментот тактизира, додава тој, не се знае сега дали ќе застане позади овие партии.
-Дали ќе застане позади ДУИ? Еве ние како ВМРО-ДПМНЕ велиме едноставно е – ајде во парламентот да го усвоиме тоа што го бараат овие партии, да имаме една изборна единица, гласот на граѓанинот секаде да тежи подеднакво, па потоа нема проблем ќе составиме работна група која што заедно со Тупанчевски ќе работи на измените на изборниот законик и препораките на ОБСЕ/ОДИХР – нагласи Мицкоски.