Јанакиески нема да одговара за едно од двете кривични дела за кои се гонеше во „ТНТ“

by fokus

Екс министерот Миле Јанакиески се спаси за едно од кривичните дела кое му се ставаше на товар за случајот “ТНТ”. Поточно, во завршниот збор обвинителот Бурим Рустеми се откажа за делото кое се однесува на незаконското рушење на објектот „Космос“ во Гази Баба во 2011 година.

Сепак на Јанакиески продолжува да му се суди за едно од кривичните дела поврзано со злоупотреба на службената положба и овластувања.

За едното од делата, кое се однесува на злоупотреба за тендерот за рушење, обвинителот Рустеми рече дека од досегашните докази не произлегува дека Јанакиески го сторил делото и затоа се откажува од гонење за тој дел.

Меѓу олеснителните околности што судот треба да ги земе предвид при одлучување за казните, обвинителот го нагласи тоа што Јанакиески ги признал телефонските разговори помеѓу него и Груевски.

„Фактот дека Миле Јанакиески ја потврди автентичноста на телефонската комуникација и притоа се извини, која околност не само што придонесува за докажување на кривично-правниот настан, туку и претставува олеснителна околност“, рече Рустеми.

За останатите обвинети, меѓу кои и Никола Груевски и Тони Трајковски, обвинителот остана на обвинителниот акт и побара затворски казни.

Обвинителот Рустеми истакна дека Груевски успеал да ја реализира својата желба и да му се одмазди на својот политички противник Фијат Цаноски.

„Се докажа ијзвата на Фијат Цаноски дека ова бил комплетен политички реваншизам затоа што отишол во коалиција со СДСМ“, рече Рустеми.

Поврзани новости