Ај ем токинг ту ју

by Fokus

Топло им препорачувам на сите чинители, носители и сторители на се она што Американците го посочија како негативност да ја сфатат и состојбата, но и америчката порака многу сериозно и да ги засукаат ракавите и да го сторат она што се бара од нив и што биле должни да го сторат, затоа што повторната посета на Американците ниту ќе биде кратка ниту пријатна по многу ликови.

Пишува Звонко Давидовиќ

Дојдоа Американците помпезно, бучно, најавени и пред да пристигнат, како и секогаш,  со јасна цел, јавно искажана. Причина за доаѓањето беше корупцијата во Македонија која е од толкави размери и димензии да предизвика јавно обраќање на амбасадорот на САД во Македонија со не баш дипломатски, но заслужен речник, и реакција на најголемата светска сила.

Најавено беше дека секој кој го прекршил законот, особено високите функционери, мора да одговара , а судството и обвинителството да покажат дека никој не е над законот.

Како и секогаш кога ќе се случи нешто ново, зовреа социјалните мрежи со шпекулациите, навивање, неверување, сомнеж, понекоја кладба, а најмногу имаше црн хумор и сатира од носителите на власта, политичките партии и правосудството односно од тие кои беа и посочени.

Американците заминаа тивко и незабележително, како и секогаш, но оставија своја трага, а верувам и зададени задачи со точно утврдени рокови и насоки.

Покрај ова , а можеби и поважно од се е тоа што доаѓањето на америчкиот тим го покажа јасно сето она што со години ни се укажува но власта, која и да е , а секогаш е составена од една од двете ротирачки членки и една постојана, го негираше и се правеше недоветна.

ПОРАКАТА НА АМЕРИКАНЦИТЕ Е ДЕКА ДО ТОЛКУ СМЕ КОРУМПИРАНИ

Основната порака на Американците е дека сме толку корумпирани што е потребно тоа јавно и недвосмислено да му се каже на народот, но пред се на власта, опозицијата која до вчера била власт и на сите партиски ботови, полтрони и лигуши. Пораката е дека постојат докази за корупцијата, дека носителите на истата се персонализирани и дека за истото прво треба да одговараат највисоките ешалони.

Ваквата порака не само што им удри шлаканица на нашите локални, умислени, полуписмени, корумпирани политичари, туку и удри и шлаканица на Европа. Со ваквите констатации и тврдења Американците и пратија порака на европската клика дека со негативните извештаи завиткани во целофан и црвена панделка не се постигнува ништо, но и јасно им укажаа дека и тие не се кадарни да се справат со ваквата ситуација и состојба, па мораат тие да реагираат.

Спомнувањето на парите на америчките даночни обврзници беше уште една шлаканица и за нашите локалци, но и за европските политиканти дека САД вложила пари во македонското судство и дека бара отчет, а не е само позер и наративец како Европа.

Посетата на Американците покажа дека судството и обвинителството на Република Македонија се разнебитени, некадарни и исполитизирани и ги заслужуваат сите упатени критики и процентот на довербата од 8 % кој го имаат.

Токму немање на капацитет да се справат со „високата” корупција го предизвика ваквото дефиле на Американците и покажа дека досегашното прикажување на борбата против корупцијата е само ветер и магла и голема безочна лага на корумпираната врхушка.

Сета парада на Американците покажа и дека реформите на македонското правосудство, кое толку помпезно се најавува со години и не мрднува од мртва точка, е голема шарада и замачкување на очи на народот кој одамна прекина да верува на празните зборови на политичарите.

Топло им препорачувам на сите чинители, носители и сторители на се она што Американците го посочија како негативност да ја сфатат и состојбата, но и америчката порака многу сериозно и да ги засукаат ракавите и да го сторат она што се бара од нив и што биле должни да го сторат, затоа што повторната посета на Американците ниту ќе биде кратка ниту пријатна по многу ликови.

Поврзани новости