Исмет Гури со полиција треба да биде донесен на утрешното рочиште за „Титаник 3“, судот проверил дека оди на работа, а не доаѓа на судење

by fokus

Откако обвинетиот Исмет Гури вчера не се појави на рочиштето за случајот „Титаник 3“, судијката даде наредба за негово присилно спроведување во Кривичниот суд на утрешното рочиште, за кога се закажани завршни зборови.

Гури не се појави на изминатите две рочишта со оправдување дека 20 години боледува од дијабет и спаѓа во групата на луѓе за кои Владата даде препораки да не излегуваат од дома, како мерка за заштита од вирусот Ковид 19.

Сепак судијката одлучи тој на рочиште да биде донесен со полиција, бидејќи од УЈП, каде што работи Гури, по барање на судот стигнало известување дека по потреба оди на работа, па затоа судот заклучил дека ја злоупотребува постапката со цел одолговлекување.

Обвинението за овој предмет го покрена СЈО, а се работи за изборни нерегуларности сторени во локалните избори во Општина Чаир, одржани во 2013 година.

Судскиот процес го води судијката Марија Клетничка, додека обвинението го застапуваат обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

В.В.

Поврзани новости