Илина Арсова: Не се откажувајте од својот сон, кога и да се случи!

by fokus

Македонската алпинистка Илина Арсова на крајот на минатата година направи неверојатен успех, искачувајќи го врвот Винсон (4892 метри) на Антарктикот, со што стана првата Македонка, која искачи седум највисоки врвови на седумте континенти.

Во интервју за „Фокус“, таа вели дека чувствувала одреден притисок за завршување на мисијата „7 врвови“.

„Мисијата 7 врвови се одвиваше толку полека, што на крајот чувствував притисок да ја завршам што побрзо. Гледајќи наназад, посветив девет години на ова без да дадам особено големи приоритети на други работи во животот. Пораката е токму тоа, дека на крајот не е ни важно колку време ќе трае достигнувањето на еден сон, важно е порано или подоцна да го достигнеме, бидејќи чувството на себеисполнетост и  реализираност е извондредно. Сметам дека сите луѓе би биле посреќни ако имаат пасија што ги исполнува секојдневно, која понатаму води кон постојано нови цели за достигнување“, го започна разговорот Арсова.

За време на искачувањето на врвот Винсон, Арсова вели дека била добро подготвена, а единствена пречка ѝ бил студот.

„Искачувањето на врвот не беше особено тешко, бидејќи јас веќе 15 години интензивно тренирам и сметав дека сум добро подготвена. Сепак, постоеше мала доза на неизвесност во однос на студот кој е непредвидлив до врвот. Во случај на смрзнатина некогаш мора да се вратиш назад што ќе беше катастрофално. Сепак, поради добра ментална подготовка и солидна опрема, одлично се чувствував во секој момент од искачувањето“, додава таа.

Финансиската поддршка е огромно олеснување за Арсова, но и дополнителен притисок кој сама си го направила.

„Видете, постои голема разлика кога одам сосема сама наспроти кога искачувам врв, носејќи ја целата нација со себе. Она што е поддршка од државата во однос на покривање финансиски трошоци беше клучен момент кој многу ми помогна и ја олесни целата подготовка. Кога сум во вакви екстремни услови, таа поддршка ја чувствувам како олеснување, но и како притисок кој сама си го правам. Сосема ретко, но се случува да ми навираат прашања: „Што ако не успеам?“ , „Колкаво разочарување ќе бидам за сите ?“. Сепак, добро е кога поривот и волјата се поголеми од сомнежот, што досега секогаш резултираше со успех“, вели Арсова.

За да се постигне ваков успех, несомнено најпотребна е поддршката од најблиските.

„Имав целосна поддршка од семејството и најблиските. Тие ме охрабруваа во моментите кога мислев да се откажам и беа целосно трпеливи со мене, кога  поминував низ кризи и се соочував со тешки моменти“, посочува Арсова.

Искачувањето на планина знае да биде убава авантура, но и многу опасно. Арсова се обиде да даде свои импресии за неколку од врвовите кои ги искачила.

„Од технички поглед планината Денали беше најсериозна за искачување, бидејќи таму немаме поддршка, ниту носачи кои нѝ помагаат во транспорт на опремата. Сепак, секој од врвовите се карактеризира со некој предизвикувачки момент зависно од состојбата. На Аконкагва беше најемотивно, на  Еверест сме  најдолго надвор од комфор зоната, на  Елбрус се соочив со стравот, на Килиманџаро искусив висинска болест, Денали и Винсон беа најстудени.“

За искачувањето на ваквите врвови се потребни големи финансии, а Арсова се заблагодари што имала финансиска поддршка за последните два врва од мисијата.

„Во голем дел врвовите ги искачував сама без речиси никаква поддршка. Додека за поголемите врвови каде нужно беше да се има  добра логистика, имав спонзори и поддршка од државата, без кои ќе беше невозможно да се реализираат. Агенцијата за млади и спорт, особено го препозна големото значење на овој подвиг и целосно учествуваше во последната година за време на искачувањето на 6-тиот и 7-миот врв“, додаде таа.

Македонија како земја има неколку прекрасни планини кои се симбол на нашата држава. Но, прашањето е колку знаеме да ги чуваме.

„Имаме прекрасни природни убавини и планини кои нудат одлични услови за тренинг за високогорство, спортско качување и алпинизам. Планинарите верувам се од оној мал процент луѓе во земјава со изострена свест за екологија, сепак состојбата на планините не секогаш го оправдува истото. Имаме и несовесни планинари, а уште помалку совесно е остатокот од населението што целиот свој прекумерно произведен отпад го остава по улиците и парковите“, разочарано вели Арсова.

Планинарењето претставува одлична рекреација за луѓето, бегање од градскиот метеж и ужување во природните убавини на врвовите. Страста кон планинарењето, вели Арсова, е најважен елемент.

„На почетокот од љубопитност секој може да проба. Денес имаме одлични услови за почетници, кои може да се запознаат со карпите во Демир Капија. Понатаму настапува страста.  Или ја има, или ја нема. Кога почнавме да се качуваме некаде во 2002 година, не требаше никој да ни се јавува и да не моли да одиме. Ние  бевме тие што му досадувавме на инструкторот да не земе, а  подоцна и сами се организиравме  да одиме за да тренираме. Во денешно време имам впечаток кога носам некој почетник да проба, мислам дека мене ми е повозбудливо чувството, отколку нему“, смета Арсова.

Кога се оди на планина мора да се следи временската прогноза константно, со цел да се избегнат непријатни ситуации.

„Висинската болест е најчеста причина за несреќен случај во високогорското планинарство. Тоа е нешто што зависи од самите нас и мора многу да внимаваме и да го сведеме тој ризик на минимум. Има и големи ризици кои се непредвидливи, како што се лавините и снежни бури и ветрови. Затоа е важно да се следи прогнозата и во лоши временски услови да се чека подобрување и да не се напредува во планината“, советува Арсова.

И покрај тоа што е искусна во планинарењето и алпинизмот, се нашла во ситуација кога животот ѝ бил загрозен.

„За време на искачувањето на Чимборацо, највисокиот вулкан во Еквадор во 2018-та година, одев сосема сама, иако не го познавав доволно теренот.  Снежната покривка која се протегаше од околу 5600 метри до врвот на околу 6350 метри, криеше длабоки пукнатини во глечерот, кои не се гледаа на прв поглед. Одејќи нагоре во погрешен период од денот, кога снегот беше мек и нестабилен, јас пропаднав со едната нога во пукнатина која се отвори во недоглед под мене. Успеав да се задржам и да се извлечам, користејќи ги алатките за обезбедување. Истото се повтори неколкупати тој ден, што ме потсети на моето невнимание и клучна грешка во изборот на момент за качување“, раскажува Арсова.

Планинарењето, вели Арсова, ја прави енергична и среќна, а тука свое влијание има и нејзиното хоби – сликарството.

„Ги сакам планините, бидејќи како ликовен уметник со огромно воодушевување го впивам планинскиот пејзаж, кој го доживувам моќен и недопирлив. Кога седам на езеро, или било каква вода пред мене, уживам во залезот, потполно сум смирена, губејќи го погледот во далечниот рамен хоризонт. Додека во планинско опкружување таа линија која ги спојува небото и земјата искршена од стрмните планински страни, ме прави по енергична и искрено среќна. На високите планини особено ми се допаѓа и чувството на отсуство на кислород. Тоа е мојата комфорт зона, каде се чувствувам среќна и исполнета“, смета алпинистката.

Уште од мали нозе ги сака планините, а љубовта почнала откако го искачила врвот Мон Блан на Алпите.

„Одев на извидници во средно и бевме доста јака екипа. Одевме на смотри и натпревари, учевме ориентација, цртање документи и комуникација. Сето тоа многу ме привлекуваше. Исто така од мала се бавам со спорт, особено ме интересираа екстремни спортови, падобранство, параглајдерство, качување карпа и скијање. Сето тоа си зема некоја насока околу 2006 година, кога првпат се искачив на Мон Блан и се заљубив во височините.“

Понекогаш, желбата за две работи тешко може да се координира, како сликарството и љубовта кон планините.

„Чувствувам дека би требало повеќе да се посветам на уметноста, но ќе се сетам дека за се си има погоден момент. Планинарските активности ми се еден вид акумулирана храна, која ја потхранува мојата ликовна инспирација и најважно, нема рок на траење. Доста сликам и пишувам, тоа се најчесто џепни формати, кои можам да ги носам со себе. Ми фали момент да се посветам на некој серијал големи платна, кои пак, обврзуваат да бидеме во атеље подолго време.Од друга страна, мојата номадска природа постојано ме влече да одам на нови места и истражувам нови височини“, вели Арсова.

Планинарските друштва имаат по неколку водичи, а според Арсова, еден добар планинарски водич треба да биде комуникативен, да зборува странски јазик, добро да ја познава планината и етички да пристапува кон неа, да познава техники за спасување и прва помош.

Во животот секогаш постои човек кој бил на некој начин иницијална каписла да почнеме да правиме нешто. Така, за Илина тоа  биле родителите.

„Постојано има луѓе кои влијаеле врз мојата љубов кон планините. Моите родители веројатно ми ја всадиле љубовта кон природата како дете. Понатаму, мојот партнер со кој своевремено заедно почнавме да изучуваме техники на карпа. Од него научив многу за планините и скијањето во длабок снег“, раскажува Арсова.

Никогаш не треба да се спротивставуваме на планината, затоа што таа знае да зададе удар кога најмалку очекуваме.

„Се’ почесто сме сведоци на немили случки во планините и за тоа бараме виновник. Кој бил крив, кој каде погрешил? Едноставно и такви работи се случуваат и, за жал, мало невнимание  може да се наплати со нечиј живот. Процентуално, сепак, мислам дека има помалку несреќи во планина од колку на улица меѓу сообраќај“, додава таа.

Како и во секој спорт и физичка активност, така и во планинарењето е важна исхраната и самоконтролата.

„Исхраната е подеднакво важна колу и тренингот и одморот. Според мене, треба се да се внесува умерено и така ништо нема да нѝ биде забрането. Секој човек има индивидуални потреби, каква храна го заситува, или му пречи. Кај себе гледам дека имам добра комуникација помеѓу умот и телото и точно знам како да ги задоволам,но имам контрола ништо од тоа да не биде премногу. Овде ќе ја цитирам мојата мајка која често кога седиме на убав семеен ручек, вели: Треба да престанеш, кога ти е најслатко!“, порача Арсова.

Како што вели таа, Македонија може да се пофали со планински туризам и државата треба да ги истакне адутите што ги има. Тоа се,  300 сончеви денови во Демир Капија, 200 ендемски видови во Охридското Езеро, воздушната бања во Берово.

Упати пофални зборови  и до Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, посочувајќи дека многу се работи волонтерски во оваа институција.

„Има доста одговорни задачи, кои успева да ги заврши на годишно ниво и покрај тоа што во Федерацијата најмногу се работи волонтерски и на „добра волја“. Како што проф. Угриновски, претседателот на ФПСМ еднаш истакна: „Да се биде претседател на Федерација е обврска, а не привилигија“.  Меѓу другите работи, оваа година Федерацијата ќе биде домаќин на годишното собрание на УИАА – Меѓународната Унија за планинарење и алпинизам, а кај нас се наоѓа седиштето и на Балканската планинарска унија која ги соединува резултатите од планинарите од регионот, а организира и здружени акции помеѓу земјите членки“, раскажува Арсова.

За тоа, која е Илина Арсова во приваниот живот, вели дека знае да биде драматична во љубовта.

„Мојот приватен живот и не е толку приватен. Доста сум транспарентна и немам проблем да споделувам речиси се’ низ што поминувам. Немам некои тајни што ме прават различна во приватноста од она што може да се види на моите отворени профили на Инстаграм и Фејсбук. Единствено, во љубовта знам да бидам драматична, кој се нашол во близина најчесто се изгорел. Но, и јас сум се изгорела во дадени моменти, така што не чувствувам одговорност за туѓите повреди.  Во овој контекст  би споменала еден цитат од Пинк: “Каде што има страст, има и оган. А, кога има оган некој ќе се изгори. Тоа што гори не значи дека ќе умреш, треба да станеш и повторно да се обидеш”, додаде Арсова.

За крај на разговорот, Илина упати порака до луѓето за природните убавини кои не опкружуваат.

„Мојот апел и порака до сите ваши читатели: Разбудете се и погледнете наоколу, среќата е во убавините околу нас. Нам ни останува да ја чуваме и заштитиме природата која во изворна форма ја имаме, како што сега треба да го заштитиме Охридско Езеро и да го зачуваме статусот на УНЕСКО!“, го заврши разговорот Илина Арсова.

Јорданчо Цветаноски

 

Поврзани новости