АХВ со препораки за угостителите: Келнерите да служат со маски, а на една маса да седат најмногу четворица

by Frosina Fakova

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) подготви прирачник со сет на препораки за организирање на работата на угостителите во услови на пандемија со корона вирусот во пресрет на најавеното укинување на дел од мерките и ограничувањата донесени поради епидемијата на вирусот КОВИД 19 и разгледување на можноста од страна на Комисијата за заразни болести за повторно отворање и работа на угостителските објекти.

-Покрај спроведување на темелна дезинфекција на објектите и површините и опремата, пред започнувањето со работа, неминовно е да се изврши и дезинсекција и дератизација во угостителските објекти. Угостителите треба да спроведуваат строги мерки за избегнување на евентуален пренос на инфекцијата меѓу вработените и гостите, пренос на инфекцијата преку контаминиран прибор и опремата која доаѓа во контакт со храната и гостите, како и мерки за избегнување на пренос на инфекцијата при прием на храната и послужувањето на гостите, велат од АХВ.

Најважно останува вработените во угостителските објекти да носат заштитни маски, да одржуваат хигиена на рацете, да се дистанцираат од своите колеги и од гостите 1,5 – 2 метри и да не се допираат на очите, носот и устата.

– Задолжителна ќе биде дезинфекцијата на рацете и на гостите и на вработените кои тоа треба да го практикуваат почесто, односно во неколку наврати во текот на подготовката и послужувањето на храната. Покрај основната, за вработените треба да се обезбеди и дополнителна заштитна опрема, како што се штитови за лице, водонепропустливи престилки, гумени ракавици и чизми, порачуваат од АХВ.

За гостите кои ќе сакаат да седнат во угостителските објекти ќе треба да се обезбеди маса максимум за четири лица кои ќе бидат сместени на површина од 10 квадратни метри. -Растојанието од задниот дел од столицата до задниот дел од столицата на соседната маса треба да изнесува најмалку еден метар, а гостите да се гледаат едни со други на растојание од најмалку 1, 5 метар. Во помалите објекти, треба да се разгледа и можноста за шалтерско послужување, велат од АХВ.

Поврзани новости