Со порастот на температурите се зголемуваат и потенцијалните ризици од појава на труење со храна, предупредуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Оттаму додаваат дека високите температури најавени неделава се потенцијална опасност и за здравјето на животните доколку за нив навреме не се преземат мерки за обезбедување доволно количини храна и вода за пиење.
„За да се спречи евентуална појава на труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор и набавка, да се обезбедат соодветен транспорт и услови за чување. Храна треба да се купува од проверени места каде има услови производите, особено лесно расипливите од животинско потекло, да се чуваат во разладни уреди. При купувањето треба да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на храната“, посочуваат во АХВ.
Од таму препорачуваат да се избегнува купувањето и консумирањето храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како месото, млекото, јајцата и други производи да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Треба да се одбегнува и купување разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач на почетокот на пазарењето, додаваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.