АХВ: Поради измама кон потрошувачите повлечена водата со канабис

by Fokus

Водата со канабис која што кон крајот на минатата година се најде во продажба на рафтовите во маркетите во земјава и стана хит помеѓу тинејџерите е повлечена од продажба.

Агенцијата за храна и ветеринарство преку инспекциски служби му наложила на производителот, компанијата Кодинг – Горска да го отповика и повлече производот ,,Горска + Релкс” по претставка од граѓанин.

-Претставката е основана. Овој производ не добил никаков вид на одобрување од Агенцијата за храна и ветеринарство. Означувањето, презентирањето и претставувањето на производот не се усогласени со законските прописи и се сметаат за измамнички кон потрошувачите. Исто така, операторот го тргна од својата Фејсбук страница презентирањето и претставувањето на овој производ – информираат од Агенцијата.

Инаку, во описот од страна на операторот, беше наведено дека производот е висококвалитетна функционална вода која содржи канабис, истакнувајќи медицински придобивки.

,,Фокус” во декември минатата година пишуваше за популарниот производ, вода во пластични шишиња од 0,75 литри, со етикета на која пишува Горска +Релакс, вкус на грејпфрут, канабис, и се продаваше по цена од 50 до 55 денари. Во составот, покрај вода, арома и витамини, наведено беше дека има и екстракт од семе од коноп.

Истакната беше препорака да се чува на ладно и темно место, но околу тоа кои се придобивките од консумирањето на производот и дали евентуално може да предизвика штетни последици, со оглед на тоа што без проблем го купуваат и деца, немаше никакви податоци на етикетата.

Компанијата Кодинг – Горска, која што ја произведува водата со канабис се најде во центарот на вниманието на јавноста пред две години, кога доби грант од 18.227.237 денари, односно 296.000 евра од Фондот за иновации за „Воведување на нов вид на производ во нова амбалажа, дизајн и етикета за горска вода со алое вера и ацерола“.

Јавноста реагираше првенствено поради тоа што директор во таа компанија е Горан Тодоров, претседател на општинската организација на СДСМ Кавадарци. На рафтовите во маркетите покрај водата со канабис, од истата компанија истовремено започна да се продава и вода Горска +имуно, по цена од 40 до 45 денари со насликани ацерола и алое вера на етикетата, односно иновацијата за која го добија грантот од околу 296.000 евра.

За водата од канабис пак, што се најде на рафтовите во маркетите во исто време со водата со вкус на ацерола и алое вера, во времето кога го добија грантот, немаше никаква најава.

Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, во изјава за ,,Фокус” тогаш појасни дека грантот не е доделен за водата со канабис.

-Компанијата Кодинг – Горска во 2018 година доби грант во вредност од 18.227.237 денари, односно 296.000 евра од Фондот за иновации за „Воведување на нов вид на производ во нова амбалажа, дизајн и етикета за горска вода со алое вера и ацерола“. За водата со канабис која е пуштена во продажба не сме доделиле грант- информираше тој.

Со цел да дознаеме дали новиот изум, водата со канабис е безбедна и препорачана за консумирање од страна на деца и тинејџери, бидејќи на производот не беше наведено ништо околу позитивните придобивки и евентуални негативни појави од негово консумирање, во повеќе наврати се обидовме да стапиме во контакт со првиот човек на компанијата Горска, Горан Тодоров.

Тој не одговори на нашите телефонски повици, СМС пораки, ниту пак на пораките по електронски пат. И сега, откако водата е повлечена од продажба, останува непознато дали нејзиното консумирање евентуално предизвикало негативни последици кај некои од потрошувачите. -Деца ја купуваа за време на школските одмори, веројатно им беше интересно, бидејќи со големи букви пишуваше канабис на амбалажата.

Немаше истакнато забрана за продажба на лица под 18 години, па затоа и не реагиравме. Повеќе ја немаме на рафтовите – ни изјавија вработени во маркет во близина на основно училиште, каде до неодамна се продаваше производот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости