Струмичкото јавно комунално претпријатие „Комуналец“ доби нови мерки од инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство откако по спроведениот инспекциски надзор во акумулацијата „Турија“ утврдиле дека целиот систем е контаминиран, информираат од Агенцијата.
Инспекторите наредиле да се спроведе мерката за механичко чистење и хиперхлорирање и повторно да се извршат лабораториски анализи по спроведувањето на мерките. Оттаму нагласуваат дека водата што се обезбедува од оваа акумулација за граѓаните од Струмица, се уште не е безбедна за пиење.
При надзорот на акумулацијата, од страна на инспекторите за храна на АХВ, од осум мерни места биле земени мостри од водата во акумулацијата за лабораториско испитување.
„Со надзорот констатирано е дека филтерната станица, резервоарите и главна водоводна мрежа, повеќе години не се механички чистени и хиперхлорирани, иако, согласно членот 24 од Правилникот за барања на безбедност и квалитет на вода за пиење од Службен весник на РМ 183 од 02.10.2018, јавното комунално претпријатие има обврска тоа да го прави еднаш годишно, а за време на елементарни непогоди и зачестено“, стои во соопштението на АХВ.
Инспекторите, додаваат од АХВ, направиле увид и на филтер станицата и интерната лабораторија при што е утврдено дека струмичкото јавно претпријатие во моментов ги презема потребните мерки за намалување на нивото на манган во водата, чие ниво се уште е високо.
Агенцијата за храна и ветеринарство на 29 септември донесе решение со кое ја забрани употребата на водата во Струмичкиот регион поради зголемено присуство на манган и колиформни бактерии. Оттогаш, струмичани немаат пивка вода, а неизвесно е и до кога тоа ќе трае.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски вчера на прес-конференција рече дека статистиката со која располагаат вели дека и во минатото имало случаи акумулацијата да има исто ниво на вода како што има денеска, но тогаш немало манган или бактерии во водата која била дистрибуирана и затоа изговорот дека акумулацијата е проблем паѓа во вода.
Изјавата на Трипуновски доаѓа откако градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, рече дека влезната вода во филтер-станицата, поради ниското ниво на браната Турија, доаѓа во форма на кал, со високо ниво на манган, која тие не можат да ја преработат во пивка вода.