Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) утре и задутре ( 20.12.2023 и 21.12.2023 година) во Скопје, ќе спроведe симулациска вежба „Управување со жаришта на африканска чума кај свињите кај домашната и дивата популација на свињи”.
Симулациската вежба се организира со техничка и оперативна поддршка на проектот „Подобрена контрола на болести кај животните и имплементација на системот за безбедност на храната“ кој е финансиран од ЕУ.
АХВ ги информира граѓаните дека не станува збор за реална ситуација, односно активностите кои ќе бидат преземени во претстојните два дена од стручни лица на Агенцијата за храна и ветеринарство се поврзани исклучиво со спроведувањето на симулациската вежба.
„Целта на вежбата е да се утврдат добрите и слабите страни на одговорот при евентуална појава на африканска чума кај свињите, која е предмет на плановите за итни мерки на Агенцијата“ појаснуваат од АХВ.
На симулациската вежба ќе учествуваат претставници од Агенција за храна и ветеринарство, од Ветеринарната комора, од Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје и експерт од Европската унија.