АХВ ја нарече ВМРО-ДПМНЕ „шпанска серија без крај“

by fokus

ВМРО-ДПМНЕ со денови, во стилот на шпанска серија без крај, ја дезинформира јавноста и пласира невистини во однос на болеста антракс, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

„Вакцинацијата против оваа болест која се спроведува секоја година е веќе реализирана од страна на некои ветеринарни друштва, а добитокот во 22 дистрикта не е оставен невакциниран, реагира АХВ на прес-конференцијата на Цветан Трипуновски.

АХВ ги отфрли како неосновани обвинувањата на Трипуновски кој рече дека четири месеци немало вакцинација за антракс па 22-те подрачја низ земјата каде болеста е детектирана, останале без превентива.

-Не постои законски дефиниран рок во рамки на една календарска година за спроведување вакцинација против антракс од страна на ветеринарните друштва со кои Агенцијата за храна и ветеринарство има склучено договори за спроведување на Годишната наредба за здравствена заштита на животните. Тоа е работа на договор меѓу нив и сточарите, а ова треба да го знае ВМРО-ДПМНЕ која со Агенцијата за храна и ветеринарство раководеше цели 11 години, наведува АХВ.

Според Агенцијата, Трипуновски или неговиот брифер во изминатите 11 години требаше да научат дека зависно од производителот, имунитетот на вакцината е најмалку една година и повеќе.

-За жал, не научиле ниту дека Агенцијата за храна и ветеринарство согласно законите нема обврска да ја известува јавноста за појавата на болеста, туку веднаш, навремено да ги преземе сите мерки за заштита на добитокот и на населението. А тоа е сторено“, децидни се од АХВ.


Поврзани новости