Ахмети за Толај: За мене многу пеат, но законот мора да важи за сите

by fokus

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети денеска запрашан за утврденото ненаменско трошење на пари од страна на директорот на Ансамблот за албански народни ора и песни, Шкодран Толај, кое го објави „Фокус“, рече дека законот треба да важи подеднакво за сите и дека надлежните органи треба да си ја завршат својата работа.

-Сега за мене многу пеат, имам многу пријатели, имам многу пријатели, но законот мора да важи за сите, и за пријателите и за противниците. Ако има аргументи дека некој ја злоупотребува довербата, тој ја злоупотребува функцијата. Законот мора да важи за сите, без разлика кој е, рече Ахмети.

Во минатиот број на неделникот „Фокус“ објавивме дека во текот на октомври Секторот за управен и инспекциски надзор извршил вонреден инспекциски надзор.

При надзорот било утврдено и ненаменско трошење на пари.

 Извршен вонреден инспекциски надзор и при тоа, меѓудругото е утврден прекршок по член 70-а став (4), казнив по член 91-а став (1) алинеја 7 и став (2) од Законот за културата, односно ненаменско трошење на дел од преведените средства од Буџетот на РСМ, преку МК за 2020 година, потврдуваат од Министерството.

Спроведена е постапка за порамнување и е издаден прекршочен платен налог на одговорното лице на Установата, директорот Шкодран Толај, а глобата е платена во законски предвидениот рок (за сторен прекршок по Законот за културата).

И тука сѐ завршува. Освен прекршочниот платен налог, никој не бара одговорност од директорот за кој е утврдено дека ненаменски трошел народни пари. До затворањето на бројот, директорот Толај не одговори на нашите прашања испратени на официјалната мејл адреса на Ансамблот.

Шкодран Толај, оперскиот тенор од Косово на чело на Ансамблот е од 2019 година.

На Фејсбук може да се најде и едно видео кое го објавил Толај каде тој и неговата сопруга му пеат на Ахмети „на уво“ вечерта по вториот круг од локалните избори кои се одржаа лани. На видеото Толај напишал: Xhaxhi!, што во превод значи вујко/чичко.

К.С.Б.

Поврзани новости