Ахмети спрема чистка на „огнените“, тие не креваат раце од ДУИ: Нова партија не е опција!

Лидерот на ДУИ сака да се справи со бунтовниците преку избор на нови раководства во Чаир, Сарај и други ограноци. Овие избори ќе се спроведуваат по принципот еден член-еден глас од страна на комисија, каде нема ниту еден член близок до „огнените“. Не е битно кој гласа, туку кој брои - ова го знаат Меџити, Беџети и другите, кои бараа смена на Груби, Османи и останатите министри. Тие засега не размислуваат за нова партија и навестуваат битка до крај, предупредувајќи дека ваквиот дуализам може да доведе до тензии и конфликти како своевремено во Куманово, каде претседател се бираше и со оружје.

by Фокус

Внатрепартиската војна во ДУИ се ближи кон целосна ескалација меѓу приврзаниците на партискиот лидер Али Ахмети и „огнената група“ предводена од Изет Меџити, Блерим Беџети, Муса Џафери и други видни партиски лица, кои бараат промена на министрите од нивната партија, при што главниот таргет им е вицепремиерот Артан Груби.

Како што велат за „Фокус“ извори од раководството на ДУИ, планот на Ахмети е прво да ги истисне „огнените“ од локалните структури, а потоа да ги елиминира и од партиските функции на централно нив. Всушност, тоа треба да се направи низ процесот на избор на нови раководства на локалните ограноци, за што веќе течат постапки.

За разлика од порано, внатрепартиските избори сега се спроведуваат според принципот еден човек/член – еден глас. После последниот конгрес во 2019 година, формирана е Централна изборна комисија на чело со директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми. Ниту еден член на оваа комисија, велат нашите соговорници, не важи за близок до „огнената група“.

Во десетина ограноци каде загубивме на локалните избори, како Тетово и Гостивар, веќе се спроведоа избори на овој начин, а сега останува да се спроведат редовни избори во сите други, меѓу кои се и Чаир и Сарај, кои важат за бастиони на „огнените“. Иако имаат реално влијание, сепак, тоа се повеќе им се намалува – вели висок функционер на ДУИ.

Тој објаснува дека комисијата за спроведување на внатрепартиските избори на општинските изборни комисии им дава рок од 2 месеци за ажурирање на списоците со членови. Патем, нема никакви ограничувања за зачленување на нови членови, кои ќе имаат право на глас во изборите на матичните ограноци. Меѓутоа, тие нема да можат да се кандидираат за функција без стаж поголем од 6 месеци.

Тоа значи дека битката меѓу „ахметистите“ и „огнените“ ќе се разгори при изборот на нови општински раководства. Како што истакнуваат негови блиски соработници, Ахмети е повеќе од сигурен дека ќе ја добие оваа битка како резултат на неговиот лидерски авторитет. Згора на тоа, изборната комисијата не е под контрола на „огнените“, а освен што е битно кој гласа, секогаш битно е и кој брои.

Ако го загубат влијанието во ограноците, тогаш „огнената група“ сигурно ќе ги загуби и партиските позиции што неодамна ги доби при обидот да се закопаат секирите меѓу двете спротивставени страни. Како што е познато, тогаш пратеникот Меџити ја задржа потпретседателската функција, градоначалникот на Сарај Беџети стана организациски секретар, а Џафери прв човек на Надзорниот одбор.

Моментално, од триесетина члена на Централното претседателство, „огнените“ имаат поддршка од 7-8. Во Генералното собрание со стотина луѓе, пак, имаат поддршка не поголема од 20. Полека, ја губат поддршката и во матичните ограноци и тоа ќе се види на претстојните внатрепартиски избори – вели функционер на ДУИ.

Наспроти тоа, од „огнената група“ тврдат дека имаат реална поддршка во базата и планираат да ја водат битката и во иднина. Засега, вели еден од фронтмените на „огнените“, ниту размислуваат ниту заговараат формирање на нова политичка партија, како што се погласно се говори во дел од јавноста.

Ние го артикулираме она што граѓаните и членството го мислат и наидуваме на се поголема поддршка, која ја гледаме и ја бараме во сите 4 изборни региони каде се застапени Албанците. Сите нестатутарни одлуки на Ахмети против нас нема да не поколебаат ниту ќе имаат ефект, туку може да донесат само проблеми – порачува тој.

Според него, обидот за избор на нови локални раководства преку непосредно гласање на целото членство е нелегален, бидејќи, како што објаснува, статутот предвидува на тој начин да се избира само партискиот лидер, а не и претседателите на партиските ограноци. Сега, истакнува тој, има обратна ситуација.

Ахмети го избираат делегати, со тоа што беше изменет статутот за да може на предлог на Ахмети да се изерат и доживотни делегати, кои сочинуваат една третина од вкупниот број на делегати. Наспроти тоа, претседателите на ограноците што не им се под контрола сакаат да се изберат преку инжинеринг – вели нашиот соговорник.

Тој додава дека Ахмети презел уште еден нестатутарен чекор – именувањето на шефот на дипломатијата Бујар Османи за координатор на Општина Чаир. Според него, ваква функција не постои во хиерархијата на ДУИ, па тоа води кон дуализам во партиските структури. Но, тој предупредува дека оваа невнимателна практика носи опасност од тензии и конфликти, како што имало во многу други ограноци.

Ако Ахмети сака да го стави Османи на чело на Чаир мора прво да го разреши претседателот Меџити. Таква можност статутот предвидува, но тоа би било многу лоша практика, како што е и оваа сега, зашто паметите како поради сличен пристап во Куманово неколку пати со тешки пресметки и оружје се избираше претседател – вели член на „огнените“.

Во меѓувреме, се погласно се зборува дека фракцијата на „огнените“ ќе влезе во операција на формирање на еден пореспектабилен политички блок, при што една од опциите е да се обидат да ги помират раскараните Беса и Алтернатива, откако партијата на Африм Гаши го загуби местото во власта од Алијанса за Албанците на Арбен Таравари.

Имено, ваквата можност ја подгреа и лидерот на Беса Биљал Касами, кој денеска изјави: „За нас би било добредојдено ако „огнената група“ конечно реши да се отцепи од ДУИ, да формира политичка партија и да седнеме заедно и да направиме проширена опозициска коалиција. Со сегашното парламентарно мнозинство е затворена секоја можност за соработка…“.

Освен што имаат релации со Алтернатива, „огнените“ имаат блиски односи и со дел од раководството на Беса, каде неодамна потпретседател стана Фатмир Лимани, внук на Ахмети и поранешен член на ДУИ.  Покрај тоа, неофицијално дознаваме дека двајца од фронтмените на „огнените“ имаат редовна комуникација со висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, додека третиот одржува контакти со поранешен лидер на СДСМ.

Влатко Стојановски

Поврзани новости