Во седиштето на Демократската унија за интеграција, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, го прими шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал.
Како што соопштија од ДУИ, Ахмети и Вал разговарале за многу прашања во земјата и регионот, меѓу кои евроинтеграциите, приоритетите на ДУИ за земјата и граѓаните, легитимитетот, ситуацијата во Северна Македонија и Косово итн.
Ахмети му порачал на Вал дека ДУИ, без никакво сомневање и со сите сили, останува недвосмислен промотор на европскиот дух и пријателството со Америка кај нас, па затоа, како што рекол, преговарачката рамка со Европската унија мора да ја спроведеме без одлагање.
„Партнерите во власта без етнички легитимитет ветија дека за 3 до 6 месеци ќе го сменат Уставот. ДУИ нема да дозволи отстапување од европскиот пат и ќе инсистира на уставни измени бидејќи граѓаните се решени да станат дел од Европската унија. ДУИ не сака и нема да биде дел од оваа влада, туку води битка за национално достоинство од секојдневното погазување и за почитување на Охридскиот договор како и евроатлантската ориентација на државата.
Нас не нè интересира власта и под никакви околности оваа наша битка и битката на Албанците не е и нема да биде страст за власт. Потписниците на Охридскиот договор треба да бидат алармирани за овие сериозни нарушувања на меѓуетничките односи и еднаквост“ му рекол Ахмети на Вал, информираат од партијата.
Ахмети посочил дека Уставниот суд со прегласување по политичка наредба ја избришал етничката припадност, а на ред е и албанскиот јазик.
„Овие одлуки се неприфатливи за нас. Во меѓувреме, во регионот, албанско-српското помирување со взаемно признавање меѓу Косово и Србија е неопходност и само тоа ќе донесе мир, стабилност, безбедност и регион со перспектива, додека голем историски договор во регионот е потребен и за посветеност за незагрозување на територијалниот интегритет на Северна Македонија од нејзините соседи. Овие историски и визионерски процеси мора да ги гарантираат Соединетите Американски Држави и Европската Унија“ заклучил Ахмети.