Ахмети со поранешниот министер Незири ќе го „гасне пожарот“ во чаирскиот огранок на ДУИ

Поранешниот министер за економија, Беким Незири, ќе се кандидира за претседател на чаирскиот огранок на ДУИ и важи за фаворит да победи на внатрепартиските избори, велат партиски извори за „Фокус“.

by Фокус

Ако ДУИ изрази подготвеност да ја напушти власта и да се пресели во опозиција со цел да се изгласаат уставните измени, партиското раководство предводено од Али Ахмети има поинаков пристап во внатрепартиската битка со „огнената група“, во чии рамки демонстрира непопустливост и решителност да оди до крај.

Како што веќе пишуваше „Фокус“,  исцрпени се речиси сите обиди и можности за надминување на проблемите и недоразбирањата меѓу Ахмети и „огнените“. Во својство на посредници меѓу двете раскарани страни се вклучиле и многу моќни албански бизнисмени од дијаспората блиски до „интегративците“, меѓутоа сите иницијативи завршиле безуспешно.

Откако „огнените“ беа практично елиминирани од партиското раководство, каде веќе немаат влијание, раскрстувањето меѓу двете страни треба да се оконча со внатрепартиските избори во ограноците. За разлика од порано, внатрепартиските избори сега се спроведуваат според принципот еден човек/член – еден глас.

После последниот конгрес во 2019 година, формирана е Централна изборна комисија на чело со директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми, близок до партиското раководство. Ниту еден член на оваа комисија не важи за близок до „огнената група“.

Ахмети спрема чистка на „огнените“, тие не креваат раце од ДУИ: Нова партија не е опција!

Според најновите информации што ги добивме од ДУИ, моментално се одвива ажурирање на членовите, кои ќе имаат право на глас. Инаку, внатрепартиски избори веќе се одржаа во Тетово, Гостивар и други ограноци каде кандидатите на ДУИ загубија на последните локални избори, па сега останува да се одржат скопските ограноци кои важат за бастиони на „огнените“.

Меѓу нив е чаирскиот огранок, што се уште го предводи поранешниот градоначалник на Чаир и актуелен пратеник Изет Меџити, кој е еден од фронтмените на „огнената фракција“. Како негови можни наследници се споменуваат неколку лица, но, според нашите извори, фаворит е Беким Незири.

За потсетување, Незири беше директор на ПИОМ и министер за економија во владата на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски,  а важеше за дел од крилото што се залага за продолжување на оваа соработка после парламентарните избори во 2016 година, по кои, сепак, ДУИ одлучи да формира влада со СДСМ.

Порано, Незири важеше за близок соработник на поранешниот претседател на чаирскиот огранок на ДУИ Бекир Асани, кој беше дистанциран по добро познатиот инцидент со пајакот. Во меѓувреме, изгради квалитетна комуникација со Ахмети, стана дел од партискиот Надзорен одбор, додека, додаваат нашите соговорници, оставил отворени канали за комуникација и со „огнените“.

В.С.

Поврзани новости