Лидерот на ДУИ Али Ахмети предмалку излезе од седиштето на СДСМ каде имаше средба со Зоран Заев. Камерите на 24 Вести и Алсат М го чекаа Ахмети на излезот, но тој одби да коментира за што се разговарало на средбата. На заминување само кусо изјави дека ќе има соопштение од неговата партија.
Ахмети вчера се сретна и со Никола Груевски. Во краткото партиско соопштение од ВМРО-ДПМНЕ рекоа само дека акцентот бил ставен на две точки и тоа анализа на резултатите од изборите одржани на 11 декември, кои биле оценети како слободни, фер и демократски, како и анализа на актуелната политичка состојба.
Од ДУИ велат дека се уште не преговараат со никого, туку само разговараат. А доколку ниту една политичка партија не ги прифати нивните барања, за кои како што велат, нема да има компромиси, тогаш можни се и нови избори. Меѓу клучните барања на ДУИ се официјализирање на албанскиот јазик и продолжување на мандатот на СЈО.
Од ВМРО-ДПМНЕ неколкупати досега, порачаа дека нема да ги прифатат овие барања дури и по цена да не формираат влада. Од СДСМ пак, се уште се воздржани.