Голем број од партиските и јавни функционери од редовите на ДУИ не го подржуваат договорот што нивниот лидер Али Ахмети го направил со премиерот Никола Груевски за промена на стариот со нов државен грб. Како што објавија медиумите на албански јазик, тие овој став му го предочиле на синоќешната седница на партиското централно претседателство, кое водело дебата во проширен состав. Дури, министерот за правда Аднан Јашири, кој формално треба да го ги поднесе предлог измените на законот за нов грб, најавил оставка од оваа позиција доколку ваквата иницијатива навистина помине.
Според пишувањата на медиумите, некои од истакнатите „интегративци“, како на пример, Гзим Острени, кон кого се придружиле потпретседателите Теута Арифи и Садула Дукари, го прекорил лидерот дека не смеел да се договора со поголемиот коалициски партнер зад грбот на партијата и нејзините органи. Ахмети омекнал дел од сопартијците, меѓу кои Рафиз Алити, да го прифатат новиот грб затоа што ќе оди со формулација дека „ќе ги одразува интересите на сите заедниците споменати во Преамбулата на Уставот“. Некои, пак, како Изет Меџити, мудро молчеле, додека други, како Муса Џафери, воопшто не присуствувале на седницата, веројатно да не се најде во небрано – да подржи непопуларен предлог или да му се спротивстави на лидерот.
Од ДУИ испратиле официјално соопштение до телевизијата „Алсат-М“ во кое потврдуваат дека се одржала седница на Централното претседателство, проширана со пратениците и министрите. На Мала Речица сметаат дека е потребно да се промени досегашното лого коe претставува остаток од комунистичко минато и влијание од советските државни симболи и да се донесе нов што ќе ја одрази западната ориентација во согласност со стратешките евроатлански интеграции. Но, пред да се направи тоа, нагласуваат од таму, потребни се пошироки општествени консултации со вклучени експерти во областа и хералдички историја.