Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, денеска се сретна со европскиот комесар за буџет и администрација, Јоханес Хан.
Соговорниците, како што соопштија од ДУИ, разговараа за скрининг процесот, евроинтеграциите, реформите во администрацијата, уставните измени, состојбите во регионот како и дијалогот меѓу Косово и Србија.
„Ахмети зборуваше за Европскиот фронт како итна потреба за надминување на пречките во интеграцискиот пат и спроведувањето на уставните измени, додавајќи дека политичките партии треба да ги надминат личните интереси и да се фокусираат на иднината на државата и животот на граѓаните“, информираа од партијата.
Тие разговарале и за дијалогот меѓу Косово и Србија, апелирајќи земјите да се држат до договорот постигнат во Охрид до финализирање на целосниот договор со взаемно признавање.