Ако се патриоти, тогаш треба да поддржат промена на Уставот и Бугарите да бидат уставна категорија, зашто на овој начин македонскиот народ ќе биде легитимиран на меѓународно ниво.
Ова во своето годишно обраќање го порача лидерот на ДУИ, Али Ахмети, обраќајќи ѝ се на опозицијата, за која оцени оти не ѝ е во прв план членството на земјава во ЕУ, туку, како што вели, доаѓањето на власт.
-Сум им рекол и на нив во нашите средби, а уште еднаш и јавно кажувам – ако се патриоти, тогаш треба да подржат промена на Уставот и Бугарите да бидат уставна категорија, затоа што на овој начин македонскиот народ ќе биде легитимиран на меѓународно ниво. А ние, Албанците, не сме против нив, туку нас нè имаат како поддршка, да не ја изгубат поддршката на нивните сограѓани кои никогаш не го оспориле ниту идентитетот ниту јазикот, туку секогаш дале поддршка – рече тој.
Лидерот на ДУИ оцени дека „за нашиот народ не може да се направи поголема услуга од членството во ЕУ“, а на тој пат, како што рече, важно е земјите од Балканот да чекорат рамо до рамо.
-Нема како да се двоуми Европа за членство на нашата земја, на Албанија, на Косово и Црна Гора, сè до исполнување на стандардите, и на Србија со прифаќање на најновата држава во Балканот, Косово. Сите сме европејци. Затоа апелирам, исто како што сум рекол и пред десет години, затоа што Украина не е далеку, ѝ велам не на Русија – да на Европа. Да чекориме сите заедно, рамо до рамо, сè до реализација на оваа програма – изјави Ахмети.