Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во изјава за Гласот на Америка на албански јазик рече дека за францускиот предлог опозицијата ја зафатил бран емоции, бран на фолклоризам и дека сето тоа било повеќе за дневна политика и собирање политички поени.
-Мислам дека опозицијата ја зафати бран емоции, бран фолклоризам, кратко кажано, имаше тенденција да се манипулира со масата, демек се губи македонскиот национален идентитет, се губи македонскиот јазик, македонската нација се асимилира во бугарска нација. Сето ова беше повеќе за дневна политика и за да им додадат поени на нивните партии, отколку нешто суштинско што беше во целата оваа кампања или сета оваа пропаганда што ја правеа и ова конечно се виде, и јавноста сфати дека сето тоа се прави само да ја подобрат својата политичка позиција во општеството, отколку нешто суштинско во целата оваа активност што ја правеа, вели Ахмети.
Тој додаде дека ова е историски момент за сограѓаните Македонци, конечно да го легитимираат во меѓународната заедница нивниот идентитет, нивниот јазик и за тоа имаат целосна поддршка од албанските политички партии.