Лидерот на ДУИ и носител на изборната листа за пратеници на „Европскиот фронт“ во шестата изборна единица Али Ахмети, вечерва на средба со жителите на Доброште и Желино порача дека на 8 мај граѓаните ќе бираат меѓу интеграција и изолација.
Тој нагласи дека ДУИ е за мир, стабилност и за иднина во ЕУ, а за „болната историја“ порача дека треба да остане во сеќавањето.
„Сега имаме две филозофии, интеграција и изолација, за ова на изборите на 8 мај граѓаните ќе одлучат. Ние сме за мир, ние сме за стабилност, ние сме за најголема безбедност, ние сме за иднината, ние не сакаме да ја враќаме болната историја, на неа треба да се сеќаваме, но да не ни се повтори, да ја изградиме иднината. Нашата иднина е во ЕУ, нашата иднина е нула проблеми со соседите, да работиме како што сме работеле досега, како што го решивме проблемот со Грција, и како резултат, станавме членка на НАТО, со што обезбедивме многу голема безбедност на нашето место. Како што дадовме придонес и во проблемот со Бугарите“, рече Ахмети.