Лидерот на ДУИ и на Европскиот фронт, Али Ахмети, по гласањето во родниот Зајас изјави дека посакува демокаратски изборен процес според сите стандарди и изборите да бидат прифатени од сите партии.
-Најважно е да не се отстапи од евроатлантскиот курс на земјата и процесите во таа насока да се придвижат. Тоа да ни донесе повеќе мир и да немаме проблеми со соседите – рече Ахмети и додаде дека не верува дека има Албанец што ке се радува на избор на претседател на државата.
Според него, граѓаните имаат слободна волја да се изјаснат за кои избори ќе гласаат.
-Посакувам процесот да оди добро според сите стандарди, изборите да бидат прифатливи за сите страни и да не отстапиме од евроатлантскиот курс на земјата, да ги придвижиме сите процеси напред за повеќе мир, за поголема стабилност и да немаме проблеми со соседите. Конечно, еве да кажам, сакам да триумфираме на изборите – рече Ахмети.
Тој нагласи дека „затворените рани не треба да се отвораат бидејќи новите рани болат повеќе од старите“.
-Ни треба мир, стабилност и безбедност, не само во земјата, туку и на целиот Балкан, каде што помирувањето е најпотребно затоа што така се оди напред. Најмалку ни е потребна промоција на националистичка реторика и таква кампаа. Волјата на Албанците е несовладлива. Двете страни мора да мислат на тоа дека утре државата ќе мора да работи за иднината и за стандардот на живеење, за мирот, тоа не се прави со патриотски и фолклористички фрази – рече Ахмети.