Ахмети неколку часа сведочи пред хашките истражители во Приштина

by fokus

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети денеска во просториите на мисијата на ЕУ – ЕУЛЕКС во Приштина дава исказ пред истражителите на Специјалното обвинителство за воените злосторства во Косово.

Како што објави Еуроњус Албанија, Ахмети дошол во просториите на ЕУЛЕКС изутрината околу 9:30 часот. Распитот се одвива во Приштина, а не во Хаг каде што е седиштето на Специјалното обвинителство, што е пракса кога повиканите сведоци не се во можноста да отпатуваат за Холандија.

Засега нема официјални инфомации зошто Ахмети е повикан да даде исказ, но според косовските медиуми, тоа е поврзано со неговата активност за време на војната како еден од основачите на ОВК, и постапките што ги отвори Обвинителството за претседателот на Косово Хашим Тачи и лидерот на Демократската партија, Кадри Весели.

Врз основа на досегашните практики на Специјалното обвинителство, сведочењето на Ахмети веројатно ќе продолжи во текот на целиот ден, а ако има потреба и утре, пренесува Еуроњус Албанија.

Али Ахмети беше повикан од Обвинителството на 22 јули. По добивањето на поканата, лидерот на ДУИ на неговиот фб профил објави дека ќе даде исказ како сведок и еден од основачите на ОВК.

Поврзани новости