Предвремени парламентарни избори не се во интерес ниту на државата, ниту на партнерството. Не е дискутирано и не се размислува за реконструкција на Владата, изјави денеска претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети.
-Што се однесува до предвремените избори сметам дека се организираат во случаи на кризи, нефункционирање на Парламентот, блокирање на институциите, такво нешто нема и ниту во иднина мислам дека нема да има, бидејќи не се во интерес ниту на државата, а ниту и на партнерството во овој солучај, рече Ахмети во одговор на новинарско прашање, на свечената академија по повод независноста на Република Косово.
Ахмети истакна дека парламентарното мнозинство функционира во рамките на нормалноста и оти не се разговара за реконструкција на Владата.
-Најпрвин, парламентарното мнозинство функционира во рамки на нормалноста. Воопшто нема судири или разлики меѓу коалицициските партнери. Секако дека има разлики за одредени теми, но добрата работа е што на крајот за сите прашања се постигнува консензус. Нема никаква потешкотија во функционирањето на оваа партнерство, коалиција и воопшто не се размислува и нема никаква причина за ново парламентарно мнозинство. Се си функционира во рамките на нормалноста. Не е дискутирано и не се размислува за реконструкција на Владата, рече тој на новинарско прашање.
Околу тоа дали се очекува кадровски промени внатре во ДУИ до владиниот кабинет, Ахмети рече дека тој е личност што ја поддржува слободната мисла и на крајот за се одлучува мнозинството на органите на партијата, со консензус или со мнозинство на партиските органи.
Тој истакна дека пописот закажан за во април ќе се одржи и оти нема никакви причини за негово одложување.
-Досега нема никаква промена и пописот ќе се одржи на почетокот на април. Ова е статистички чекор, чекор што треба да се направи бидејќи се бара од меѓународните организации како Евроската унија и ЕУРОСТАТ за да имаат точни статистички информации како институции во ЕУ, рече Ахмети.