Демократската унија за интеграција (ДУИ) ќе преземе демократски механизми за да го одбрани легитимитетот на Албанците, рече синоќа во гостување во вестите на ТВ Сител, Крешник Бектеши, министерот за економија и член на ДУИ.
– Кај нас, како членови на Претседателството на ДУИ доаѓаат идеи од страна на интелектуалци и луѓе кои придонеле многу за државата, не само Албанци, туку и од другите етнички заедници. Веќе имаме разговарано за одредени опции. До крајот на неделата ќе има конкретни чекори што ќе бидат преземени и ќе ги обелодени претседателот на партијата Али Ахмети, рече Бектеши.
Тие механизми, како што рече, се темелат на фактот што ДУИ како предводник на „Европскиот фронт“ добил поголема доверба од страна на Албанците во земјава, со над 30 илјади гласови разлика и со шест мандати повеќе од коалицијата „Вреди“.
Бектеши нагласи дека ДУИ не бара по секоја цена да биде во владата, но бара почитување на легитимитетот на мнозинството на Албанците и другите етнички заедници.