Лидерот на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, денеска оствари средба со претседателката на Собранието на Албанија, Елиса Спиропали, која е во посета на земјава. На средбата, како што информираат од ДУИ, Ахмети, меѓу другото, изразил загриженост за меѓуетничките односи во земјава.
„На госпоѓа Спиропали ѝ ја изразив мојата загриженост во врска со меѓуетничките односи во Северна Македонија, како и за нарушувањето на легитимитетот што произлегува од волјата на народот демократски изразена преку слободно гласање“, порачал лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Тој и Спиропали разговарале и за прашања поврзани со членството на двете земји во Европската Унија. Нагласиле дека како две сојузнички земји, С Македонија и Албанија мора заедно да го продолжат својот пат кон интеграцијата во Унијата.