Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети денеска во Тетово го прими новиот амбасадор на Република Албанија во Северна Македонија, Денион Мејдани.
Ахмети му честиташе на амбасадорот Мејдани за новата должност и го увери дека братските односи меѓу него и претставниците на Албанија во земјава ќе продолжат како и секогаш.
Ахмети го информираше Мејдани за актуелната политичка состојба во земјата и за последиците што може да ги донесе одлуката за суспендирање и непочитување на волјата на албанскиот народ изразена на демократски избори на 8 мај.
„Охридскиот договор го кршат и денешните вазали кои секојдневно ги понижуваат Албанците и се повеќе војводата ни врти грб и ги уништува достигнувањата во однос на еднаквоста во државата“, се нагласува во информацијата од кабинетот на Ахемти.
Ахмети го информираше Мејдани за ангажманот на Пол Вилијамс и неговиот тим експерти за дизајнирање на платформата на легитимитет и не дозволување да се гази волјата на Албанците.
Се разговараше и за Коридорот 8 и беше договорено дека тој е најважниот историски инфраструктурен проект меѓу двете земји и ќе продолжи да се гради.
„Сувото пристаниште во Струга, заедничката контрола на границата, изградбата на пругата Кичево – Драч, коридорот 8, мора да продолжат и навремено да се реализираат“, било наведно на средбата.